Во организација на Сојузот на спортови на Скопје во соработка со А.К. Работнички денеска ќе биде одржана Авицена Женската трка.
Секоја учесничка ќе направи термален скрининг, а носење маска е задолжително, како и држењето дистанца од 1,5 метри, без групирање за време на трката. На повеќе места ќе бидат поставени и средства за дезинфекција на раце.
Зоната на стартот на трката ќе биде пред главниот влез на А1 Арена -СЦ Борис Трајковски, со старт во периодот од 8:30 до 9:45 во интервали според стартниот број. Учесничките ќе трчаат патека од вкупно 3.000 метри. На стартната линија ќе се редат по пет учеснички. Веднаш по стартот на трката се трча лево до подвозникот кај Хотелот Александар Палас, каде што се врти десно и се влегува во Градскиот Парк каде патеката ќе биде означена со конуси, траки и на одредени места ќе има волонтери кои ќе ги насочуваат учесничките за правецот на трчање. Целта ќе биде во Градскиот парк зад Ботаничката градина. Патеката за трчање ќе биде обезбедена и обележана, а на 1,5 км ќе има поставено и контролна точка за чиповите.
По завршување на трката, победничките ќе бидат прогласени онлајн, трите најдобро пласирани учеснички на генералниот пласман ќе добијат награди, а ќе има награди и за најдобрите три учеснички по возрасни категории.
Сојузот на спортови и Град Скопје повикуваат на максимално почитување на протоколот и правилата, вклучувајќи ги и задолжителното носење на маска, дезинфекција на раце и одржување на дистанца за безбедно здравје на сите учеснички во трката.
Поради одржувањето на трката, ќе има посебен сообраќаен режим во периодот од 08.30 до 10.30 часот. За сообраќај ќе бидат затворени улиците кои водат кон Спортскиот центар А1 и Градски парк.
Од СВР Скопје информираат дека одделението за безбедност на патниот сообраќај денеска ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во периодот од 08.30 до 10.30 часот, бидејќи во наведениот период во организација на Сојуз на спортови на Скопје ќе се одржи Авицена женска трка 2020 во Скопје, со почеток од Спортскиот центар А1, од пред главниот влез на салата, по што учесниците ќе продолжат кон подвозникот на бул.„8-ми Септември” кај хотел „Александар Палас”, а потоа ќе поминат под подвозникот и ќе се движат кон целта во Градски парк, после кајакарскиот центар во Скопје.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.