Министерот за здравство Венко Филипче и Министерството за здравство вечерва добија посланија „Св. Мајка Тереза“ за 2020 година и статуетки за хуманост од Граѓанската Асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“.
Вакво признание добија и директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ, директорот на Градската општа болница „8 Септември“ Христијан Костов и директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, Ангелчо Андоновски.
По повод 110 години од раѓањето на Св. Мајка Тереза, граѓанското здружение оваа година настанот го посвети на институциите и здравствените работници кои во овие моменти се во првите борбени редови во спасувањето на секој човечки живот и справување со ковид-19.
„Здравствените работници и соработници покажаа и докажаа како се работи пожртвувано. Докажаа дека во нивните принципи на работа ги имаат вградено постулатите на почитуваната Мајка Тереза. Ви благодарам за почитта. Со истата енергија ќе продолжиме и понатаму да работиме за да обезбедиме најдобар третман за нашите пациенти“, изјавил Филипче.
Наградата „Послание за хуманост“ и статуетка со ликот на „Св.Мајка Тереза“ е востановена во 1999 година од граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“ од Скопје. Признанијата се доделуваат во рамки на деновите на Мајка Тереза кои се одбележуваат во чест на нејзиниот роденден, а централната манифестација се одржува на 5 септември, денот на нејзиното упокојување.