Елена Голомеова ќе го отвори ШКЛ – ММС
ММС

Објавено на: 06/27/18 3:54 PM

Елена Голомеова ќе го отвори ШКЛ

 

Сопранот Елена Голомеова и камерниот оркестар на МОБ, со целовечерен концерт во петок, 29 јуни ќе го отворат овогодишното 33-то издание на Штипско културно лето. Настанот ќе се случи во големата сала во Домот на културата со почеток во 20.30 часот. Изложби, концерти, театарска престава се предвидени за овогодишното издание за кое општината издвои вкупно 300.000 денари.

– Предвидени се за реализација 15 содржини. Во нив како во состав се – театарска престава, две ликовни изложби, фото изложба, пет рок концерти, еден рок хепенинг на планината Плачковица, поточно во планинарскиот дом Вртешка, како и неколку концерти од класична музика во уметничката галерија Безистен – информираше Кирил Панајотов, координатор на оваа манифестација.

И оваа година, ШКЛ како меѓник на повеќедецениското културно постоење и традиција на Штип преку содржините коишто ќе бидат понудени ќе се обиде да ги анимира штипјани.

-Општина Штип како организатор и покровител на ШКЛ и годинава ќе се потруди да го задржи високото квалитетно реноме на манифестацијата – вели Панајотов.

Со изложбата ШК-рок подиум на 30 јули, официјално ќе биде затворено овогодишното издание на ШКЛ.