Швајцарија вчера официјално го заврши главниот тунел Канери, последната делница од директната железничка линија што под Алпите ги поврзува северна Европа и Медитеранот.
Со отворањето на тунелот, долг 15,4 километри, означено е завршувањето на новиот железнички коридор под Алпите, вреден 22,8 милијарди швајцарски франци, кој се нарекува и швајцарски градежен проект на векот, јавува „Ројтерс“.
Со тунелот Канери, покрај постоечките – најдолгиот тунел во светот Готард (57 километри), кој е отворен во 2016 година, и тунелот Летшберг (34,6 километри), се заокружува системот што овозможува непречен превоз на товар од пристаништата во Ротердам и Ѓенова под алпскиот планински масив.
Тунелот Канери, кој се градше десет години и чинеше 3,6 милијарди франци, се очекува да биде пуштен во употреба на 13 декември годинава. Патувањето со воз од Милано до Цирих ќе биде скратено од четири на три часа, а ќе се воведат возови од Швајцарија и до Болоња и Ѓенова.