Со неверојатен финиш, „Вардар“ синоќа го победи хрватскиот шампион ППД„Загреб“ во полуфиналето на завршниот Ф-4 турнир на СЕХА-лигата во Задар. Нешто слично како лани на завршниот Ф-4 турнир на ЛШ против „Барселона“. Мечот запона рамноправно, кон крајот на полувремето Хрватите направија серија од 5-0 и првиот дел го обија со 16-13. На девет минути пред крајот Хрватите имаа и шест гола предност. Во „Вардар“ ништо не функционираше, но одеднаш комплетен пресврт. Ристовски се разбрани, одбраната стана гранитна, а нападот ефикасен, па на три секунди пред крајот хрватскиот „вардарец“Јотиќ го изедначи резултатот на 26-26. Веднаш се прејде на изведување пенали. Ристовски одбрани два седмерца, а „Вардар“ (Дибиров, Вуин,Јотиќ и Дисингер) ги реализираше сите, па немаше потреба од петта серија пенали. Натпреварот заврши со вкупен резултат 30-29 за „Вардар“.
„Голот на ’Вардар’ се намали како кутија ќибрит, одбраната одеднаш им стана како Кинескиот ѕид“, коментираше по натпреварот тренерот на „Загреб“, Вори. „Малку на карактер, малку на искуство, малку на среќа“, ја објасни победата вардаровото десно крило Чупиќ.
Хрватските медиуми со вакви наслови пишуваат за драматиниот меч во Задар: „Што направи хрватскиот првак: Водеше 24-18 на девет минути до крајот, па загуби“ („Спортске новости“); „Неверојатен пораз на ’Загреб’: ’Вардар’ со срце стигна до невозможното“ („24 сата’); „’Загреб’ испушти голема предност против ’Вардар’ и загуби“ („Слободна Далмција’); „Шампионскиот ген го протурка ’Вардар’’’ („Вијести“)…
Најефикасни кај „Вардар“ беа Дисингер со пет гола, Дибиров и Гаџа со по четири, Јотиќ и Калараш со по три, а Мандиќ кај „Загреб“ со осум гола.
„Вардар“ во деветтото издание на регионалната СЕХА-лига што се игра во Задар, Хрватска, по осми пат ќе игра за титулата, а пет пати беше победник, во 2012, 2014, 2017, 2018 и 2019 година. Финалето, во кое ќе игра со „Веспрем“, кој вчера во втоото полуфинале со 28-24 го совлада „Мешков Брест“. Унгарците двапати го имаат освојувано СЕХА-трофејот.
Мечот за првото место „Вардар“ – „Веспрем“ се игра утре, надела, од 20.30, а од 18 часот ќе играат „Загреб“ и „Мешков Брест“ за трето место.