Факултетите сами ќе одлучат како ќе работат, студентите да се информираат во деканатите – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/20 2:20 PM

Факултетите сами ќе одлучат како ќе работат, студентите да се информираат во деканатите

Протокол за децата од градинките, осмолетките и средношколците има, но што се случува со студентите, како тие ќе учат?  Ова прашање си го поставуваат родители, чии деца годинава треба да ја започнат академската година, но и од погорните години на студии. Засега нема никаква најава од универзитетите, ниту од Министерството за образование и наука.

На одредени групи на социјалните мрежи се води расправа за овој проблем. Многу од родителите  велат, треба навреме да се знае како ќе се учи, бидејки не знаат што да прават со децата кои студираат во друг град.

-Моето дете студира во Штип, и живее во изнајмен стан. Секоја година преку летото го плаќаме станот, за да од новата учебна година има каде да седи. Оваа година, мислејки дека додека да почне испитната сесија, се ќе се среди го плаќавме. Но, што да правиме сега? Ако студентите учат онлајн да го откажеме станот, а ако, сепак, се посетува настава, да продолжиме да плаќаме, велат загрижени родители од Струмица.

Родителите кои имаат еден или двајца студенти во семејството велат дека ова е сериозно оптоварување на семејниот и онака кревок буџет.

-Се надеваме дека протоколите за студентите нема да бидат толку проблематични како за децата од пониските образовни институции. Дека нема да остават на желбата на  родителите, тие да решаваат,  сепак се ова академски граѓани и дека што е можно побргу ќе се знае.  Јас имам двајца студенти кои учат во Скопје и ако не се побара стан со понормлана цена  на време, тешко дека ќе најдеме за краток период, а немаме пари да се расфрламе за скапи станови, вели друг родител од Кавадарци.

Во врска со овој проблем побаравме одговор од Министерството за образование. По кој протокол ќе почне новата академска година, дали имаат некакво решение, заедно со универзитетите и дали како вообичаено ќе почне на први октомври.

-Согласно законската регулатива високообразовните установи во земјава се автономни кога е во прашање функционирањето и организирањето на работата, така што секој факултет индивидуално одлучува како и на кој начин ќе ја организира академската година. Дали тоа ќе биде преку далечинско учење, со физичко присуство или пак, комбинирано е нивна одлука, која зависи од условите кои ги исполнуваат и можностите кои им се на располагање, велат од Министерството за образование.

Оттаму додаваат и дека е можно најголем број од факултетите да го применат комбинираниот систем на учење, како што ќе се изведува наставата за децата од основните и средните училишта.

– Согласно информациите со кои располагаме врз основа на дневната комуникација со нив, најголем дел од факултетите ќе применат комбиниран модел на настава. Така што, студентите потребно е да се обратат непосредно до високообразовната установа каде студираат или се запишале за прв пат годинава. Инаку, академската година почнува на 1 октомври, велат од МОН.

Фото: skyscrapercity.com/alsat-m.tv/mk