Србија и Косово денеска треба потпишат договор пред Трамп – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/20 7:16 AM

Србија и Косово денеска треба потпишат договор пред Трамп

По вчерашниот прв ден од дијалогот, денеска во Вашингтон се очекува српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, да потпишат договор, чија содржина засега е непозната, иако, според некои најави, се работело за економски договор меѓу Србија и Косово. Потоа, според соопштението од Белата куќа, Вучиќ и Хоти треба поединечно да се сретнат со американскиот државен секретар Мајк Помпео.

„Кој лаже тие или ние: Вучиќ – ’Нема да признаеме лажна држава’: Хоти – „Белата куќа е со нас, постигнавме голем напредок’“, е еден од денешните наслови во српските медиуми за вчерашната средба во Вашингтон меѓу српскиот претседател и косовскиот премиер. Изјавите по средбата им беа речиси дијаметрално спротивни.  Авдулах Хоти оцени дека неговата вчерашна средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белата куќа е „голем чекор“ кон склучување договор меѓу Косово и Србија. Но, Вучиќ се противставил на, како што рече, напорите на Косово да ја принуди Србија да ја признае независноста на Косово и не е јасно што може да се очекува од денешниот втор ден од разговорите. Хоти им изјави на новинарите дека, без оглед на тоа што беше дискутирано првиот ден, целта на Косово е меѓусебно признавање.