На својата втора седница, членовите на Владата ги прифатија измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Владата. Една од измените се однесува на прецизирање на надлежностите на првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за координација на политички прашања на ресорите.
-Предвидено е, Претседателот на Владата да го заменува Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите, а во случај на негово отсуство или спреченост тогаш Претседателот на Владата го заменува еден од неговите заменици што тој ќе го определи, се наведува во соопштението од Владата.
Според дополнувањата, на претседателот на Владата во вршењето на неговите права и должности му помагаат првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на претседателот на Владата.
Како што се наведува, првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на претседателот на Владата се грижат за извршување на работите од надлежност на Владата по одделни прашања за кои ќе ги овласти претседателот на Владата. Првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на претседателот на Владата го известуваат претседателот на Владата за извршување и спроведување на работите, се посочува во соопштението од владината прес-служба.