Како до одржлив социјален бизнис? – ММС
ММС

Објавено на: 06/27/18 2:17 PM

Како до одржлив социјален бизнис?

Социјалната економија и социјалните претпријатија имаат важна улога и влијание како добавувачи на секој пазар. Токму на оваа тема во Битола се одржува обука на која учествуваат поединци, тимови и здруженија на граѓани кои имаат идеја за отпочнување на социјално претпријатие или пак веќе имаат формирано.

-Овие социјални бизниси се прилично популарни во Македонија, но голем дел од нив после година две од нивното основање едноставно немаат финансии. Проблемот е што фокусот се става премногу на социјалниот аспект, мора да разбереме дека социјалното претпријатие и тоа е претпријатие. Тоа мора да е компанија, да нуди бизнис, да нуди услуги, кои се одржливи и за кои има побарување на пазарот, изјави Ѓорѓи Кушевски, оперативен менаџер на Центарот за развој на претприемачи и менаџери CEED Македонија.

Учесниците, по завршената обука ќе можат поефективно да го разработат  својот бизнис модел, да ги зајакнат своите бизнис и менаџерски вештини, но и да се надминат проблемите кои се јавуваат.

-Наште родители да се запознаат со нивните права, да се запознаат како понатаму нивните деца да успеат во општеството како да дојдат до самовработување. Јас сум родител на дете со посебни потреби и директно сум инволвирана и сакам да придонесам многу повеќе во опстојување на овие социјални претпријатија, вели Вера Попчановска, учесник на обуката и претставник на Здружението „Ретки и различни“.

Тридневната работилница е во рамките на проектот „Социјални претпријатија – мост помеѓу социјалниот сектор и традиционалниот бизнис“, финансиран од Европската унија во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, а во имплементација на Центарот за развој на претприемачи и менаџери CEED Македонија, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, Агритра Визион центар од Пешкопи, Албанија и CEED Албанија.
Маја Богоевска