Вчера навршија пет години од потонувањето на гумениот чамец во кој животот го загубија пет лица, вклучувајќи го и тригодишното сириско дете Алан Курди, чие безживотно тело беше пронајдено на плажа во Турција, а таквата глетка ја потресе светската јавност, пишува агенцијата Анадолија (АА).
Бродоломот се случи кај турскиот крајбрежен град Бодрум, а вчера, на петгодишнината, на плажата Фенербурн му е оддадена почест на момчето кое првично беше идентификувано како Ајлан, а потоа е утврдено дека неговото вистинско име е Алан Курди.
Музичарката Карсу Донмез од Холандија ја посети плажата и остави каранфил на местото на кое е пронајдено телото на момчето, кое стана еден од симболите за драмата низ која поминуваат сириските мигранти. Донмез со потекло од турскиот град Хатај за АА изјави дека страдањето на децата е нешто најстрашно што може да се случи.
„Со денови ме прогонуваше фотографијата на телото на Алан на плажа. Во Амстердам помагав на децата мигранти и им велев дека се среќни бидејќи имаат шанса, за разлика од Алан кој таа шанса не ја доби. Сите деца имаат право на шанса. Алан можеше да биде лекар и да спасува човечки животи. Не настрада само едно сириско момче, туку и еден добар човек на нашиот свет“, изјави Донмез.
Во бродоломот пред пет години животот го загубија и мајката и постариот брат на Алан Курди. Кривичниот суд во Бодрум осуди тројца лица на затворски казни во траење од по 125 години. Осудени се за петкратно убиство и организирање на криумчарење на мигранти. Претходно, уапсени беа уште двајца сириски државјани кои се осудени на затворски казни од по 50 месеци за помагање во криумчарење на мигрантите.