Aудио водич на шест јазици за домашните и странските туристи во Музејот во Крива Паланка – ММС
ММС

Објавено на: 06/27/18 12:12 PM

Aудио водич на шест јазици за домашните и странските туристи во Музејот во Крива Паланка

Аудио-водич низ музејските поставки, тактилни предмети-експонати и пристапни рампи за лицата со попреченост на сите влезови на музејот во Крива Паланка ја прават оваа институција единствена од ваков вид во земјава во презентација на поставките и културното наследство. Музејот како дел од Балканската мрежа на инклузивни музеи- без бариери неодамна го имплементираше проектот „Слушај и учи“, каде преку модерни електронски уреди е инсталиран аудио водич на шест јазици.

Директорот, Драган Величковски вели дека аудио турата води низ сите поставки: етнолошка, археолошка и историска, а  во поставките се интегрирани и девет тактилни предмети со Браево писмо, за лицата со оштетен вид.

На 30 монитори овде се презентира културното наследство а со „Слушај и учи“ поставени се и пристапни рампи на двата ката на влезовите на музејот. Ефектите од проектот, според Кајл Бутчер, од Мировниот Корпус на САД, се создавање можности за учење и развој на капацитетите на посетителите.

– Со овој проект создадовме дополнителни можности за учење за младите од Крива Паланка и пошироко, бидејќи при посета на музејот преку аудио-водичот ќе научат нови јазици или ќе ги усовршат јазиците кои ги учат, ќе ги зајакнат нивните потенцијали и капацитети, ќе ја усовршат примената на модерни технологии и ќе наушат многу повеќе за историјата и кулутрата, етнографијата и традицијата на Крива Паланка,истакна Бутчер.

За пристапноста на музеите до лицата со попреченост се говореше и на втората Меѓународна конференција „Балкански музеи без бариери“, што се одржа на 20 и 21 овој месец во Музејот на жртвите од холокаустот во Скопје, каде меѓу дваесетина музеи од Балканот учествуваа и претставници од Музејот во Крива Паланка.

 

Билјана Тошевски