„Градоначалникот воведе медиумски мрак во општината, а не реализира неколку клучни одлуки кои ги донесовме“ обвинија денеска на прес конференција дел од советниците во советот на општина Росоман. Тие велат дека градоначалникот Бранко Јанев го опструира нивното работење.
„Уште од самото доаѓање не направи ништо да створи атмосфера за соработка со нас советниците. Ваквата ситуација ја направи за да биде раштиман советот, а тој како градоначалник да може постојано да ги обвинува советниците се со цел да го покриен неговото самоволие и неговото неработење. Ние советниците донесовме клучни одлуки кои се од витален интерес за граѓаните, а градоначалникот до ден денес се уште не ги спроведе и води инает“ рече претседателот на советот Марионка Печевска.
Таа го обвини Јанев дека спровел медиумски мрак со тоа што оневозможил медиумско покривање на седниците на советот, со што е спречено јавно информирање на граѓаните за работата на советот.
„Самоволието на град не престанува тука. Тој се става во улога на претседател на советот, почна да води седници на советот, да одредува каде ќе се одржуваат седниците на советот иако се знае чии се овие ингеренции. Тој врши притисок врз советници за носење на одлуки на штета на граѓаните“ додаде Печевска.
Посочи пример дека со донесена одлука преку притисок, продолжил ископот на песок од Црна Река, а посочи и повеќе проблеми со кои се соочувале жителите на Росоман, а за чие решавање не преземал никаква активност градоначалникот Јанев. Советниците исто така обвинија дека спречиле фалсификат кој требало да биде спроведен на 38 та седница. Тие се против неговиот проект за партерно уредување на централното подрачје во Росоман, бидејќи не биле земени во предвид реакциите на занаетчиите. Најавија на вонредна седница дека ќе донесат одлука за запирање на таквиот проект на градоначалникот.
Ангел Данов