Ќе се сретнам и ќе разговарам со секој просветен работник, вели новата министерка за образование, Мила Царовска – ММС
ММС

Објавено на: 09/1/20 3:54 PM

Ќе се сретнам и ќе разговарам со секој просветен работник, вели новата министерка за образование, Мила Царовска

Сите ние оваа учебна година се наоѓаме пред голем предизвик, а тоа е како да го заштитиме јавното здравје, но истовремено и да го започнеме образовниот процес. Секој наставник, ученик, студент има свои лични желби и размислувања како треба да изгледа оваа учебна година и тоа е разбирливо и оправдано. Сепак, врвниот приоритет на Владата е да го заштити здравјето на децата, нивните родители и наставниците истовремено обезбедувајќи ефикасен образовен процес. Ова воопшто не е лесно да се постигне и тешко дека постои идеален модел кој ги гарантира двете. Сепак, лично сум убедена дека комбинираниот модел на настава е најдоброто решение во овие компликувани услови. За реализација на овој модел, веќе се подготвени и усвоени протоколи за учење со физичко присуство, а во тек е и изработка на единствена национална платформа за учење на далечина. Верувам дека до 1 октомври ќе бидеме целосно подготвени за почеток и реализација на ваквата настава.

Вака денес им се обрати новата министерка за образование и наука, Мила Царовска, на  просветните работници. Во соопштението до нив таа понатаму вели:

„И покрај тоа што работиме во услови на голема криза, нашето внимание мора да остане насочено кон градење на современ образовен систем. Систем кој ќе создаде прогресивни идни генерации за да ја движат државата напред. Затоа, од вас просветните работници очекувам да го дадете својот максимум во пренесувањето на знаењето на учениците. Образованието го менува животот на секој човек, тоа е основа за креирање можности и личен развој. Децата е важно да одат во училиште за да стекнат соодветно образование, но еднакво важно е да ги научат и основните животни вредности. На децата им треба квалитетно образование кое ќе им помогне целосно да го искористат својот потенцијал и да ги зголемат шансите да станат среќни, здрави, успешни и корисни членови на општеството. На децата им треба квалитетно образование што ќе им помогне да се развијат во учтиви, самоуверени, критични и добро интегрирани личности во општеството“, вели Царовска и додава: .

„Иднината на секое општество зависи од децата. Тие се идните работници, родители, наставници, доктори и политичари. Тие доаѓаат на наше место. Ако ние денес не им обезбедиме основа за здрав и продуктивен живот, тогаш ја ставаме нашата иднина, просперитетот и безбедноста во ризик. Затоа не смееме да чекаме. Не смееме да си дозволиме залудно да потрошиме ниту еден час од работно време наменето за школување и воспитување на децата. Не смееме да си дозволиме залудно да потрошиме ниту еден денар од парите наменети за образованието. Секој час и секој денар да го посветиме на подобро и поквалитетно образование. Јас верувам во еднаквоста и се борам за неа. Секое девојче и момче каде и да живее, мора да има еднакво право и пристап до квалитетно образование. За ова ќе се борам во мојот мандат. Ве охрабрувам да се приклучите и да ме поддржите во процесите коишто ни престојат. Мојата заложба како министерка во четиригодишниот мандат ќе биде: суштински реформи во основното образовние, јакнење на средните стручни училишта, подобрување на оценките на меѓународните тестирања коишто ќе станат наша национална гордост и враќање на достоинството на просветните работници и нивна лична мотивација. Со секој од вас планирам лично да се сретнам, запознаам и разговарам. Патот заедничи ќе го трасираме и изодиме. Нема да биде лесно, но сигурна сум дека со посветена работа, ќе создадеме образование со коешто сите ќе се гордееме. Да го дадеме максимумот од себе за нашите деца. За иднината на државата“, вели министеррката.