Една година затвор за дедото на Тамара, кој пукаше во Тодоров – ММС
ММС

Објавено на: 06/27/18 11:09 AM

Една година затвор за дедото на Тамара, кој пукаше во Тодоров

Дедото на малата Тамара Димовска од Велес, Љупчо Стојановски денеска е осуден на една година ефективна казна затвор. Одлуката ја донесе скопска Апелација, преиначувајќи ја со ова, пресудата на Основниот суд кој го осуди Стојановски на условна казна затвор за поседување оружје по признанието на вина.

Адвокатката Павлина Зефиќ рече дека ќе ги вложат сите правни лекови за да ја оспорат пресудата против Стојановски:
„Денеска ја примивме пресудата. Накратко ја разгледавме и видовме дека Апелација е на став дека условната осуда нема да вроди со плод, односно дека не претставува доволен прекор за ваков вид на кривично дело. Секако дека не сме задоволни од ефективната казна затвор“.

На товар на Стојановски, кој лани пукаше во екс министерот за здравство Никола Тодоров, му се става и кривичното дело „обид за убиство“. Завршните зборови за овој случај за закажани за 11 следниот месец.

Според изјавата на Стојановски пред полицијата, тој прво го чекал Тодоров дома, но откако не се појавил таму се упатил кон Министерството за здравство. Тодоров не беше повреден во овој инцидент, кој го предизвика дедото на малото девојче кое почина во 2015 година откако ја загуби битката со здравствените лавиринти во Македонија.