На Криволак од денес вежбовни активности на припадниците на ВС на САД од составот на КФОР – ММС
ММС

Објавено на: 09/1/20 6:45 AM

На Криволак од денес вежбовни активности на припадниците на ВС на САД од составот на КФОР

Од денеска до 15 септември на Армискиот полигон Криволак ќе се одржуваат вежбовни активности на припадниците на Вооружените сили (ВС) на САД од составот на мисијата КФОР. Тие, по систем на ротација, заедно со припадници од составот на нашата Армија и вклучување на припадници од полските вооружени сили од составот на КФОР, ќе изведуваат повеќе видови на гаѓања, соопшти Генералштабот на Армијата на РСМ.

Припадници од 162-от пешадиски полк на ВС на САД кои извршуваат задачи во состав на мисијата КФОР ќе реализираат гаѓања со користење на пешадиско вооружување, при што ќе се врши и меѓусебна фамилијаризација, односно извежбување на гаѓања со формациското вооружување од составот на двете армии. Помеѓу останатото ќе бидат извежбувани и изведени и заеднички тактички вежби со боеви гаѓања.

За време на втората ротација на која ќе учествуваат и припадници од воените сили на полскиот контингент од составот на КФОР на 9 септември ќе се реализира и Ден за високи гости на кој ќе бидат прикажани дел од активностите.

Во тек на извежбувањата ќе бидат спроведени повеќе активности од цивилно воена соработка каде од страна на ВС на САД ќе се спроведат донации од заштитни средства за справување со „Ковид 19″.

АП Криволак врз основа на одличната воена соработка и поддршка од ВС на САД, претходно беше сертифициран од страна на 7-мата Команда за обука на копнените сили на САД, по што веќе трета година по ред е домаќин на контингентот од ВС на САД во мисијата КФОР со што се докажува како полигон кој овозможува одлични можности за изведување на разни видови воени активности на НАТО сојузниците.

Армијата на Република Северна Македонија покрај овозможување на непречено користење на полигоните и стрелиштата на АП Криволак, за време на активностите овозможува и потребна воено полициска придружба за време на транспортот на ВС на САД и доколку е потребно обезбедува соодветна логистичка поддршка на активностите.

Од Генералштабот потенцираат дека со изведување на овој вид на активности се потврдува поддршката од нашиот најголем сојузник и стратешки партнер, САД при што се промовираат и можностите на нашиот најголем воен капацитет за изведување вежбовни активности од страна на Вооружени сили на странски држави.

Во процесот на планирање вежби веќе е планирано за следната година АП Кривола да биде домаќин на најголемата воени вежба досега „Одлучен удар 2021″ на која вежба ќе учествуваат повеќе од 4.000 припадници на Копнените сили на Вооружените сили на САД за Европа, Армијата на Република Северна Македонија и од други НАТО армии.

МИА