Детската амбасада Меѓаши денеска преку соопштение изрази поддршка на напорите на средношколците да бидат слушнати и вклучени во донесувањето одлуки поврзани со начините на изведување настава во учебната 2020/2021 година.
-Ова е добар и поттикнувачки пример на детско-младинско учество, за што Меѓаши се залага и секогаш ги поддржува ваквите иницијативи. Исклучително е важно вашето учество како средношколци, особено за прашања кои директно ве засегаат. Тоа е показател за вашата зрелост и висока свест да ја преземете одговорноста за сопствениот живот, одговорноста кон себе и кон општеството, се вели во соопштението од Меѓаши.
Оттаму потенцираат дека се свесни, оти, како што велат, средношколците се изложени на притисоци и притоа и ги осудуваме нападите кои одат кон нив, особено оние на етничка основа.
-Сметаме дека овие напади се обид за неосновано дискредитирање на вашите барањата што е одраз на недостатокот на демократска култура во нашето општество. Ваквите реакции се неприфатливи и ги обесхрабруваат демократските начини на делување на децата и младите и затоа вашите залагања се уште поважни, велат од Меѓаши.
Од оваа организација појаснуваат дека во изминатиот период до Меѓаши се обратиле повеќе ученици со цел споделување на нивните ставови во однос на начините на изведување на наставата во претстојната учебна година, од кои може да се констатира дека постои плурализам на мислења. Со оглед на тоа од Меѓаши потенцираат дека треба да бидат земени предвид и мислењата на средношколците/ките кои се со различни мислења и ставови.
-Во однос на институциите, го поздравуваме актот на покажување отвореност за средба на надлежните со претставниците од Сојузот, но очекуваме истиот однос и покажана почит да продолжи и понатаму во процесот на донесувањето на одлуките што директно ги засегаат учениците. Упатуваме апел до институциите да обезбедат континуирано и системско учество на учениците, средношколците и основците, во донесување на одлуките од областа на образованието. Ваквото учество не смее да биде сведено на еднократни средби, по кои учениците нема да бидат известени ниту дали, ниту, пак, како нивните мислења биле земени предвид во донесувањето на одлуките, стои во соопштението.
Градењето на културата на детско и младинско учество, се додава во него, е долгорочен процес за кој се неопходни исклучително големи заложби од страна на сите чинители, како и менување на општествените норми за улогата на децата и младите во нашето општеството кое се уште е скроено само по мерка на возрасните.
-Детскиот и младинскиот активизам, како вашиот денешен протест, се од централна важност за овој процес. Детската амбасада Меѓаши бара од надлежните во државата да ги земат предвид вашите барања при донесувањето на конечната одлука којашто ќе биде во најдобар интерес на сите вас, подвлекуваат од Меѓаши.