Пијанечкиот регион повторно преплавен со печурки – ММС
ММС

Објавено на: 08/30/20 12:35 PM

Пијанечкиот регион повторно преплавен со печурки

Пијанечкиот регион повторно преплавен со печурки. Обилните дождови кои пред една недела го зафатија ова подрачје ги наводени шумските предели со доволна количина влага, поради што печурките и денес ги има во голем број.

Рекордот засега го држи делчевско семејство кое во еден ден успеа да собере близу 300 килограми печурки и со тоа да заработат средства во висина од 500 евра.

– Да вистина е толку е нашиот рекорд се разбира повеќе луѓе бевме вклучени во пронаоѓањето на печурките, кои за наша среќа повторно се појавија и се основен извор на егзистенција за дел од граѓаните, истакнаа од делчевското семејство кое е рекордер годинава по собраните килограми печурки.
Печуркарите се децидни дека ова е една од најдобрите години во оваа дејност.
-За тоа секако придонесе и сончевиот период по врнежите кој ги задржа печурките во шумата, а и влијаеше на нивната тежина. Ако минатата пролет имавме џиновски печурки, сега тие се нешто помали, но ги има во поголем број, додаваат тие.
Откупувачите не кријат дека се задоволни од понудата и квалитетот на сезонската печурка.
-Навистина ги има со тони печурките, особено сега на крајот на август се надеваме на уште еден дожд, па потоа сонце и да ја заокружиме оваа успешна сезона, додаваат откупувачите.
Најпродавани печурки и со најдобра цена и годинава е ,,вргањот” со над 100 денари за килограм, а веднаш по неа јајчарката и лисичарката со околу 40-60 денари за килограм.