Нови сознанија на „Врбјанска чука”: Импресивни артефакти од средновековието и од животот во неолитот – ММС
ММС

Објавено на: 08/29/20 2:35 PM

Нови сознанија на „Врбјанска чука”: Импресивни артефакти од средновековието и од животот во неолитот

Завршија истражувањата на археолошкиот локалитет „Врбјанска чука„ кај Славеј во Пелагонија. „Врбјанска чука” е значаен локалитет кој ги открива артефактите за животот од праисторијата со траги од антиката и средновековието. Ова е петта година во која Центарот за истражување на предисторијата, приелпскиот Завод и музеј и Институтот за старословенска култура од Прилеп, заедно со повеќе европски институции, работат на овој локалитет, проучувајќи ги материјалната култура, архитектурата, стопанството, обредите и природната околина карактеристични за неолитот, доцната антика и за средниот век.

Добивме импресивни резултати за средновековните ритуали на погребувања и за неолитската култура, нагласуваат истражувачите. Според археологот Гоце Наумов од Центарот за истражувања на предисторијата од Скопје, во неколку неолитски градби се регистрираа структури во кои се обработувале житарици, а се откриени  и неколку гробни целини од средновековни погребувања.

– Годинашниве истражувања беа концентрирани на ритуалните форми карактеристични за средновековни погребувања, како и на подоцнежните архитектонски фази во рамките на неолитската населба. Како резултат на тоа, се регистрираа уникатни средновековни фунерарни контексти и специфични елементи на најдоцнежните неолитски градби во населбата. Се добија импресивни резултати за средновековните ритуали на погребување и на неолитската архитектура. Во неколку неолитски градби се регистрираа структури во кои се обработувале житарици, како и вкопани канали кои се користеле како основа на ѕидовите. Што се однесува до материјалната култура, покрај бројните остатоци од репрезентативна грнчарија и алатки, се открија нови форми на жртвеници, а како посебно ексклузивитет, треба да се истакне еден керамичен диск на кого има врежани линии во форма на спирала, меѓу кои се присутни точки со убоди. Средновковните погребувања беа детално истражувани, а може да се издвојат неколку гробни целини под кои биле поставувани намерно кршени парчиња керамиди и камења. Посебно се истакнува и положувањето на отсечен череп на дното од мошне длабока јама за чување жито, а кој бил раздвоен на два дела и внимателно поставен на дното, објаснува Наумов.

Сите откритија детално ќе се проучуваат и ќе е споредуваат со резултатите добиени од претхоните археолошки кампањи. Паралелно, се обработува археолошкиот материјал што овозможува темелен увид во животот на средновековното население и неолитските популации кои живееле и биле активни на оваа тумба. Се земаат примероци за археоботанички, микроморфолошки, геолошки и радиокарбон анализи.

-На тој начин се добија темелни податоци за различните етапи на функционирањето на овој локалитет, а кои ќе бидат публикувани во неколку македонски и светски научни списанија. Во тој контекст, неодамна беше објавен труд во реномираното списание „Антиквити” од Кембриџ, а во фаза на печатење е обемен труд во престижното германско списание „Прехисторише Цајтшрифт”. Во овие трудови се сумирани сознанијата од повеќегодишното мултидисциплинарно проучување на археолошките контексти и органските остатоци од неолитските градби во „Врбјанска Чука”, што врвно го презентира и го афирмира овој локалитет на меѓународно ниво, вели Наумов.

Годинава теренското истражување се финализираа со екслузивен настан. Имено, на локалитетот синоќа се одржа концерт на Антоние, еден од ретките македонски соло вибрафонисти, кој подготви специјална програма. Концертот е ретка прилика за да се создаде синестезија меѓу локалитетот и авторската музика на Антоние, со што се спојуваат древниот предисториски амбиент и звучните илустрации.