Рони Лонг, осуден на доживотен затвор за силување во американската сојузна држава Северна Каролина во 1976 година, после многу години излезе на слобода, откако беа откриени докази дека не е виновен, пренесува „Анадолија“.
Според вестите на „Си-Ен-Ен“, Лонг бил ослободен од затворот „Албемарл“ во градот Стенли, каде што издржувал казна 44 години.
На излегувањето од затворот Лонг (64) го пречекаа неговото семејство, роднините и активистите кои водеа кампања за негово ослободување.
Судијката на Апелациониот суд, Стефани Такер, во одлуката за ослободување истакнува дека полицијата намерно прикрила голем број докази кои биле во корист на обвинетиот Лонг за време на неговото судење.
Судијката вели дека полицијата од поротата и одбраната ги криела клучните докази од местото на настанот, што резултирало во погрешно осудување на обвинетиот.
На 25 април 1976 година, тогаш 20-годишниот Лонг беше осуден во градот Конкорд за силување на 54-годишната вдовица на еден од водечките бизнисмени во државата.
Лонг, кој го негираше обвинението, многу години се бореше за правда.