Македонска Каменица и источниот регион со засилени мерки за утрешниот троен празник на градот – ММС
ММС

Објавено на: 08/27/20 4:20 PM

Македонска Каменица и источниот регион со засилени мерки за утрешниот троен празник на градот

Македонска Каменица со засилени мерки на претпазливост ќе го одбележи утрешниот троен празник на градот. Градоначалничката на општината Соња Стаменкова во своето денешно обраќање до јавноста, информираше дека поради појавата на пандемијата со Ковид-19 и зголемениот број на позитивни случаи во М.Каменица и источниот регион, годинава ќе изостане организацијата на сите поголеми и масовни настани во општина Македонска Каменица.

– Иако секоја година крајот на месец август во општината е резервиран за добри забави и концерти организирани во рамки на Каменичкото културно лето и настани за одбележување на Денот на општината, Денот на рударите и големиот христијански празник заштитник на рударите и патрон на градот „Успение на Пресвета Богородица, сепак, оваа година, поради појавата на пандемијата со Ковид 19 и зголемениот број на позитивни случаи во нашиот град и источниот регион ќе изостане организацијата на сите поголеми и масовни настани во општина Македонска Каменица. Поради ова, а во интерес на зачувување на личното здравје и јавното здравје во заедницата, ги известуваме граѓаните и сите туристи дека Каменичкото културно лето годинава нема да се одржи. Сите планирани активности во рамки на оваа традиционална манифестација се откажани, рече Стаменкова.

Во пресрет на утрешниот празник Голема Богородица, таа упати апел за совесност на граѓаните и почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

-Упатувам апел до сите граѓани на општина Македонска Каменица да се придржуваат до пропишаните протоколи и мерки за заштита од Ковид 19, да носиме маски и да внимаваме на пропишаното меѓусебно растојание, посочи Стаменкова.

За време на претстојниот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица” да бидат одложени сите приватни и јавни настани, прослави и поголеми групирања на граѓани. Целта е сите заедно да ја победиме пандемијата за час поскоро да му се вратиме на нормалниот начин на живот, додаде Стаменкова.

Стаменкова воедно информираше дека во општина Македонска Каменица има вкупно 10 евидентирани позитивни случаи со Ковид-19, од кои шест се активни позитивни случаи и 10 лица се во изолација како мерка за превенција за спречување на зараза и спречување на ширењето на Ковид 19.