„Носете се во мајчина сите вие таканаречени уметници и ѕвезди без никаков багаж и тежина, сосе шарената ваша Влада“! Ова го напиша фолк пејачот Наум Петрески на официјалната страна на Фејсбук на Зружението на естрадни уметници на Македонија, а коментарот потоа беше избришан. Наум е изнервиран што, како што вели, еден куп таканаречени естрадни уметници добиле помош за ништо, а тој не, го одбиле бидејќи се водел како вработен.
Го побаравме Наум за коментар, кој иронично се изнасмеа и ни рече:
-Да бе, вработен сум. Фирмата е во мирување, не работи веќе три години. Кога го отовривме ресторанот ја отворивме и фирмата, која функционираше само седум месеци. Не сум вработен, но нашле рачка за да не ме исплатат. Добија пари еден куп други, а не се никакви уметници. Од тие 60 што Владата им исплатила надомест, дали 10тина се вистински пејачи, друготе се свадбари. Имаат песни што никој не им ги знае насловите на песните, а не да им ги запеат. И никогаш никаде не ја претставувале државата. Тие заслужуваат, јас не?! Јас , заедно со Ансамблот „Танец“ над 20 културни центри на Македонија низ светот, преку амбасадите имам отворено. Епа ако е така, зошто тогаш не ги викаа свадбариве, ни рече револтирано Наум и додаде дека иако имало иницијатива за повторно да се бараат пари од Владата, тој нема да аплицира.
Меѓу тие кои државата ја претстав уваа надвор од границите и имаат багаж зад себе, а не добиле надомест, дознаваме дека е и Ферус Мустафов, бидејки бил пензионер.
MMS.MK дозна дел од имињата на естрадните уметници кои по неколку основи имаат добиено надомест, а тоа се Јасмина Гуњова, Спасен Силјановски, Марјан Коцев, Ѓоко Танески, Антонија Гигвоска, Димитар Андоновски, Александра Јанева, Татјана Стефановска, Дамјан Стојановски, Влатко Миладиновски, Милован Секулоски, Анета Наковска и други.
Страстите меѓу естрадните уметници се уште не се стивнати, па на официјалната Фејсбук страна на Здружението на естрадни уметници (ЗЕУМ) пред два дена напишаа дека повторно ќе бараат пари.
-Бидејќи нашата професија се уште е на пауза, поради светската криза која настана како последица на пандемијата, со што ние, како индустрија, сме навистина оштетени и тоа се уште трае и ќе трае уште долго, ви соопштуваме дека во најскоро време ќе пратиме повторно молба/барање до Владата за финансиска помош, меѓутоа овојпат само за членовите на ЗЕУМ, бидејќи немаме правна, но и етичка основа за да побараме за сите естрадни уметници. Од таа причина апелираме навремено да се приклучат кон ЗЕУМ оние колеги кои не го регулирале тоа, со цел да бидеме навреме организирани и да нема пропусти при аплицирањето за оваа помош, стои во соопштението.
https://www.facebook.com/makedonska.estrada.5/posts/2632758086973893
И на ова соопштение многу од уметниците реагираа со најразлични коментари.
„ Дали испадна се по мое што уште на почетокот јасно кажав дека околу 60-65 ќе земат? Си ги поделија на начинот ‘нати го-дај ми го’, поблискиот круг на хиени и тоа е тоа! Грото од тие што зеле, годишно имаат по 10-15 свирки севкупно! Страмота!, вели член на „Коки бенд“.
Пејачот Мишко Крстевски вели: „Поздрав до сите колеги и до членовите кои ги поддржавме, за да бидат наши претставници и први да се борат за нашите права пред институциите“. Но, додава тој, дека од се ова што се случува се наметнале николку прашања:
– Веднаш да се објави (за да видиме) список на тие што добиле пари, да го видиме и другиот список со одбиени и зошто се одбиени, кои се критериумите за некој да може да биде член на естрада и по тој основ да има право како сите познати, популарни и заслужни пејачи, музичари и други кои живеат само од естрадна дејност. Ако некој си плаќа придонеси, за да оствари право на пензија и само фигурира како вработен во некоја фирма, а фактички не остварува приходи, туку од свирките си ги плаќа придонесите, како може да нема право на државната помош за естрадни уметници, вели Мишко и додава;
„Па луѓето немаат пари да платат за да се зачленат. Еве на пример јас од 8ми март немам никаков ангажман…а и сите други. Прво треба да се пријават сите кои сакаат да се зачленат а нашите избрани – претседател и членови на претседателство да направат коректна селекција кои ќе бидат тие, за кои ќе може да аплицира здружението. До сега превземените активности, најблаго кажано, не се квалитетни и сеопфатни“.
:.
По сите овие негативни коментари го побаравме и новиот претстедател на ЗЕУМ, Горјан Стојаноски.
-Ние како ЗЕУМ укажавме на Владата дека не се само тие 20 пејачи, кои самоиницијативно испратиле барање и дека треба да се прошири списокот. Владата прифати и првичната бројка дојде до кај 40. Но, стасале околу 400 барања, па и покрај тие 20 од самоиницијативниот список, имаше и забавни и од другите националности, па се направи список од околу 40 познати имиња. Потоа уште еднаш не викнаа за да ни кажат дека има простор за уште 20тина и тие, бидејќи беа од ист ранг, добија. Значи надомест добија 60 уметници, не знам точно кои. Бидејки се уште има естрадни уметници кои немаат никаков приход, откажани им се настапите, ние како ЗЕУМ, со подружниците од другите градови, повторно ќе аплицираме за средства и ќе понудиме неколку опции на финансиска помош. Но, тоа ќе се однесува само на членови на ЗЕУМ и на подружниците и затоа пак ќе повторам да се зачленат во Здружението за да може да настапуваме заедно и законски, вели Стојаноски.