Со воена свеченост во касарната Боро Менков во Куманово се одбележа почетокот на работата на командатата на бригадата на Југоисточна Европа.
Куманово наредните шест години ќе биде домаќин на 40-ина претставници на армиите на Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција.
На свеченоста присуствуваше највисокиот државниот и воениот врв предводен од претседателот Стево Пандаровски, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, техничкиот премиер Оливер Спасовски, началникот на генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и воени атешеа и амбасадори на земјите учеснички во бригадата.
На настанот беше извршено и примопредавање на должноста командант на бригадата, при што за нов командант е назначен Аристедеис Илиопулос.
Обраќајќи се пред присутните министерката за одбрана истакна дека и е задоволство што нашата држава ќе биде домаќин на ваква регионална иницијатива.
– Задоволството е двојно, првин Северна Македонија каде што беше формирана бригадата пред многу години ја пречекува оваа важна регионална иницијатива. Второто е што ова се случува во годината кога државата стана 30-тата земја членка на алијансата. Ова е голем успех за нас, но исто така носи одговорност, и покажува дека можеме да станеме посилен фактор во регионалната стабилност и да ја зајакнеме соработката – истакна Шекеринска.
Претседавачот на процесот на бригадата Петро Кочи се осврна на минатите години кога бригадата била стационирана во Грција и при тоа го поздрави договорот помеѓу двете држави.
– Сакам да им одадам чест на Грција и Северна Макеоднија за одличниот пример за храброст, да најдат ефективно решение преку дијалог, добра волја и меѓусебна доверба како добар начин на решавање на проблемите. Со што постигнаа историски договор, базиран на пријатество и соработка, при тоа одржувајќи регионална стабилност и создавајќи услови за подобар живот – посочи тој.
Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната, кој во 1998 година беше потпишан во Скопје.