И кога никој претерано не е активен на летниот трансфер пазар, со Челзи тоа не е случај. Клубот од Лондон денес го официјализираше и третото засилување во овој прозорец. Англискиот репрезентативен лев бек и довчерашен играч на Лестер, Бен Чилвел, стави потпис на петгодишен договор со „сините“ кој ќе го остави на „Стемфорд Бриџ“ до 2025 година.
-Пресреќен сум што се придружив на Челзи во овие возбудливи времиња во клубот. Се радувам на можноста да бидам дел од овој млад и динамичен состав предводен од Френк Лампард кој ќе се бори за трофеи следната сезона. Одвајч чекам да започнам и се надевам дека нема да биде долго чекањето да заиграме пред фанови на „Стемфорд Бриџ“, изјави Чилвел за клупскиот веб-сајт.
Чилвел е еден од најдобрите и веќе етаблирани дефанзивци во Премиер Лигата. Неговото деби за Лестер го прави во 2015 година на 18 годишна возраст.
-Ние многу сме задоволни што го комлетиравме нашето трето засилување. Бен ни носи големо искуство стекнато на високо ниво играјќи во Премиер Лигата, Лигата на Шампионите и за репрезентацијата на Англија, вели Марина Грановскаија, жената задолжена за трансфер политиката на англискиот клуб.
Според медиумите блиски до Челзи, тие ќе мора да му платат на Лестер отприлика 50 милиони евра. „Лисиците“ како негова алтернатива го гледаат бекот на Ајакс, Николас Таљафико.
Чилвел е третиот нов играч за Френк Лампард летово, после Хаким Зијеш и Тимо Вернер, но тимот од западен Лондон не застанува, затоа што е пред прагот на доведување на искусниот централен дефанзивец Тиаго Силва, играчот на Леверкузен, Каи Хаверц и младиот дефанзивец на Ница, Маланг Сар.