Во спорот со Грција за гасот во источниот Медитеран, турскиот претседател Ердоган го заостри тонот. Тој денеска предупреди од конфронтација со неговата земја: „Турција не е подготвена на компромис за она што е нејзино“.
Турција е решена да стори сé што е неопходно за да ги обезбеди своите права во Црното Море, во Егејското море и во Медитеранот, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. „Ако некој сака да ја плати цената на конфронтација со Турција, добредојден е да се задира со нас“, порача Ердоган.
И двете членки на НАТО, Грција и Турција, полагаат право на морските области во источниот Медитеран во кои се се верува дека има наоѓалишта на нафта и фас. ЕУ побара од Турција да престане со дупчењето во спорните води. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас се обиде да посредува во вторникот за време на посетите на Атина и на Анкара. „И двете влади во разговорите истакнаа дека сакаат да го решат конфликтот без вооружено насилство“, рече Маас по мини-турнејата.
Нови тензии
Ердоган, меѓутоа, сега го заостри тонот кон Атина на симболичен настан, на кој беше одбележана победата на турските селџуци над византиските трупи во битката кај Манзикерт во 11 век.
Во меѓувреме, Грција подготви предлог-закон кој предвидува проширување на територијалните води во западното Јонско Море, кои се далеку од Турција. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го објави тоа во парламентот во Атина.
Веќе подолго време расте напрегнатоста меѓу Грција и Турција. Акутен проблем е тоа што Турција и Либија се согласија за поделба на нивните економски зони во Средоземното Море – но тоа е во колизија со сличен договор меѓу Грција и Египет. Пратениците во Атина се очекува да гласаат за договорот со Египет во четврток, што најверојатно ќе создаде нови тензии во односите со Турција.
Среде овие тензии меѓу двата партнери во НАТО, Франција објави дека ќе учествува на планираните воени маневри во источниот Медитеран. Министерството за одбрана во Париз соопшти дека се ставени на располагање три борбени авиони и една фрегата. Маневарите според планираното треба да траат до петок, а ќе учествуваат и Италија, Грција и Кипар.