ЕУ ги отвори вратите за Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 06/27/18 6:47 AM

ЕУ ги отвори вратите за Македонија

Се отвора патот за старт на преговори со Европската унија во јуни 2019 доколку Македонија го одржи реформскиот напредок особено во делот на итните реформски приоритети, одлучи вчера Советот на министри на ЕУ по долгата дебата за проширување, на која се разгледуваа препораките за преговори за Македонија и Албанија.

Советот на министри очекува следната година ЕК да издаде извештај во кој фокусот треба да биде ставен врз реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, судските реформи и реформата на разузнавачките служби.

Во јуни 2019, доколку е задржан реформскиот момент во Македонија, многу брзо потоа ќе се свика првата меѓувладина конференција на која фактички ќе започнат преговорите, јави известувачот на МИА.

Во меѓувреме Европската Комисија изрази желба да започне со подготовките за преговори, нешто што Советот на ЕУ го прифаќа.

Одлуката ја поздрави и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

– Драго ми е што Европскиот совет го осветли патот кон проширувањето, особено за Албанија и идната Северна Македонија, после долга дебата. Патот кон отворањето на пристапните преговори во јуни 2019 е јасен. Клучен сигнал за регионот дека прогресот е награден, и круцијален за кредибилитетот на ЕУ, напиша Хан на Твитер

Тој рече и дека „од утре“ Комисијата ќе започне со процесот на скрининг во областа на владеењето на правото. Скринингот е технички процес во кој се оценува капацитетот на државата кандидат за отворање на одредено поглавје. Поглавјето за владеењето на правото мора прво да се отвори и последно да се затвори за да се обезбеди дека реформите во оваа област се трајни и одржливи.

Франција и Холандија, одбиваа секаков датум за преговори за Македонија, бидејќи сметаат дека реформскиот напредок е премногу свеж и се уште не дал трајни резултати.

По напорни дискусии со другите земји членки пронајден е компромис сепак да биде внесен датум, но под одредени услови.

По одлуката на Советот на министри на ЕУ, македонскиот премиер Зоран Заев на својот Фејсбук профил напиша дека ова е уште еден голем ден за Република Македонија, и уште едно големо признание за нашата земја.

Владата, пак, преку соопштение, посочи дека Европската унија и лидерите на сите земји членки со оваа одлука ја препознале Република Македонија како земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, инклузивност и општествен дијалог.

– Тие во Република Македонија препознаа држава која со силна, добронамерна политичка волја ги решава споровите со соседите и земја на граѓани кои покажаа дека имаат јасно изразена визија за европска иднина, сметаат од Владата.

Претходно, вчера, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, изјави дека дискусиите во ЕУ се воделе меѓу земјите кои сакаат старт на преговори со Македонија до летото 2019 и оние кои сакаат тоа да биде уште подоцна.

Пред состанокот силна поддршка за старт на прегворите дојде од Германија. Министерот за Европа во германското Министерството за надворешни работи Михаил Рот изјави дека Берлин е подготвен да даде зелено светло за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.

Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев упати писма до премиерите на земјите членки на ЕУ во кое ги повика своите колеги да поддржат одлука за старт за пристапни преговори на Република Македонија со ЕУ со временска рамка на процесот, како одлука заснована на заслуги, и како одлука која е одамна заслужена.

Македонија доби кандидатски статус за ЕУ во 2005 година, но поради противењето на Грција поради спроот за името пристапните преговори беа одложувани и покрај позитивните извештаи и препораките од ЕК. Со потпишаниот договор со Грција за името на 17 овој месец, се отстрани и последната формална пречка Македонија конечно да добие датум за преговори и да го продолжи процесот на евроинтеграција.

Извор: МИА