Импичментот за претседателот на државата Ѓорге Иванов е подготвен, но се чека „вистинскиот момент“ тој да биде доставен до Собранието – изјави денеска пратеникот, Артан Груби од ДУИ.
„Продолжува инфантилната политика на Иванов и жалам за тоа, но морам да ги убедам граѓаните дека нема да се дозволи еден узурпатор кој нема легитимитет посебно кај Албанците да ја суспендира работата на Собранието кога целиот демократски свет го поздрави Договорот“, рече Груби.
Според него, Иванов предводи малка група која е против евроатлантска интеграција на земјата.
Пратеникот на ДУИ исто така посочи дека се прават консултации со повеќе правни и уставни експерти за да се избегне блокадата од Иванов, ако и по повторното изгласување, не стави потпис на Указот за ратификација на Договорот со Грција.