Претседателот на Советот на Општина Штип си поднесе оставка – ММС
ММС

Објавено на: 08/24/20 1:42 PM

Претседателот на Советот на Општина Штип си поднесе оставка

На седницата на Советот на Општина Штип, актуелниот претседател на Советот, Јане Миланов си поднесе оставка од оваа функција. На негово место е избрана советничката Маријана Рогожарска Поповска. Опозицијата ја напушти седницата, поради, како што рекоа советниците, нестатутарната постапка.

На местото координатор на советничката група на СДСМ на местото на Рогожарска Поповска е избран Иван Бојаџиски. Нов координатор доби и советничката група на ВМРО ДПМНЕ и на местото на Иван Јорданов е поставен Љубе Здравков.

Како што веќе пишувавме, Миланов со поднесува оставка поради тоа што се очекува да биде назначен за в.д. градоначалник, откако Благој Бочварски е предложен за министер за транспорт и врски во новата влада.

Според законот за локална самоуправа, претседателот на Советот не може да биде в.д. градоначалник, туку  тој што го наследува градоначалникот се избира од редовите на советниците.

Со назначувањето на Миланов за в.д. градоначалник, во Советот не влегува нов член од листата предложена на Локалните избори во 2017 година. Со изборот на Иван Јорданов од ВМРО ДПМНЕ за пратеник, на негово место денеска на седница на Советот беше верификуван мандатот на советник од редовите на Партијата на Турците, партија, кога во време на Локалните избори во 2017 година била во коалиција со ВМРО ДПМНЕ, но на овие Парламентарни, стана дел од коалицијата „Можеме“ на СДСМ. Со тоа, се случи своевиден парадокс, со што во Советот влегува човек од листата на ВМРО ДПМНЕ, но ќе делува со СДСМ. Со тоа, оваа партија повторно го има мнозинството, и покрај заминувањето на Миланов на новата функција.

Сепак, изборот на Миланов ќе потрае некој ден, до изборот на новата влада и верификување на Бочварски, како нов министер за транспорт и врски.

Дали ќе има нови избори, неофицијално во опција се повеќе алтернативи, вклучувајќи ја и таа да се избегнат, а СДСМ да го води градот до следните Локални избори, засега предвидени за октомври 2021 година.