Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип од денеска започнува со официјалниот прв уписен рок, со отворени пунктови за прием на документи во Штип, Струмица, Кавадарци, Скопје и Гевгелија.
Вкупно 3831 место се достапни за идните студенти, кои можат да се запишат на студиските програми на еден од 12 факултети и три академии.
Студентите од денеска до први септември ќе можат да ги достават документите, по претходно направен онлајн профил на сајтот на универзитетот, каде ќе ги внесат своите податоци и ќе ги извршат електронските плаќања.
Универзитетот „Гоце Делчев“, како што потенцираше проректорот за настава проф. Д-р Мишко Џидров, годинава има предвидено 240 стипендии за бесплатна школарина во прва година.
-Кандидатите ќе бидат рангирани според успех. Триесет места се предвидени за Медицински факултет, по 20 на Земјоделски, Економски, Правен, Факултет за природни и технички науки, Туризам и бизнис логистика и Факултетот за информатика. По 10 стипендии за прворангираните на Електротехнички, Машински, Технолошко-технички, Факултет за образовни науки и Музичка академија, по пет стипендии за Филмска и Ликовна Академија. Дополнително имаме и 66 ослободувања од партиципација на Филолошки факултет, објасни проректорот Џидров.
Секоја година дополнително УГД ги ослободува од партиципација за прва година кандидатите од ромската заедница и спортистите кои се дел од спортските екипи на УГД.
Како што потенцираше проректорот Џидров, УГД е спремен за двете опции – и да се вратат во предавалните и да функционираат со онлајн настава, чекаат на официјални одлуки.