Делчевци ги извадија олд-тајмерите од гаражите и дефилираа низ градските улици – ММС
ММС

Објавено на: 08/23/20 3:24 PM

Делчевци ги извадија олд-тајмерите од гаражите и дефилираа низ градските улици

Со почитување на сите мерки за заштита од Ковид-19, денеска членовите на здружението „King’s of the roads” од Делчево, направија спонтан мини собир на кој се претставија со своите возила од кои повеќето спаѓаат во категоријата олд-тајмери. Едно од постарите возила кои денес учествуваа на собирот е автомобилот Алфа Ромео Суд, возило прозиведено 1978 година кое е сопственост на делчевецот Емил Илиевски.

-Се работи за оригинален модел каков што го гледате каква што ја гледате, колата е во добра состојба потребна и е само каросериска реставрација. Возилото го имам 6 години, а љубовта кон авотмобилите стари ми се јави уште од мали нозе. Во моментот имам неколку возила кои едно по едно гледам да ги реставрирам. На оние кои имаат желба за купување стари возила, а мислат дека ова е скапо хоби можам да им кажам дека има и поевтини возила кои можат да ги набават доколку сакаат да се дружиме, вели Илиевски.

Еден од оние кои пасионирано се занимава со реставрација на олдтајмери е Ангелчо Лефковски кој денес на собирот дојде со својот малку понов модел на БМВ кој е произведен 1987 година.

-Колата е БМВ, Е-30 од 1987 година. Целата е реставрирана со доста доработки по неа. Автомобилот е на мојот помал син и не е баш олдајмер туку е тјунинг возило и искрено заради тоа што уште се реставрира слабо ја возиме. Во однос на реставрирањето можам да кажам дека чини доста, колку една нова кола да си купиш, но како што велиме ние овде „секој ќеиф се плаќа”, па така доста финансии се вложени и доста има по неа уште да се прави. Планираме да ставиме нови амортизери со друг систем на спуштање и дигање. Возилото има специјално направен издув така што колата е постара ама убава, вели Лефковски.

Претседателот на клубот Лоренцо Трајановски изрази задоволство што и покрај пандемијата денеска членовите се собраа после подолго време и ги извадија своите возила од гаражите.

-Целта на денешниот собир ни е да се видиме со членовите на клубот, поради тоа што поради пандемијата долго време не се дружевме. Доколку се олабави ситуацијата денес разговараме за можноста кога да го одржиме нашиот собир кој требаше да биде од балкански карактер затоа што имавме најавено учесници од Бугарија Србија, Грција, а имавме конаткти и со членови од Албанија и Косово. Се надеваме дека брзо ќе заврши оваа пандемија за да можеме да го организираме собирот, рече Трајановски.

Иако денешниот собри бил спонтан Трајановски најави почесто дружење на делчевските олд-тајмерџии особено со сопствениците на познатите Т-3 комбиња кои оваа година требаше да учествуваат на Балканското мини-бус шоу во Ниш кое поради пандемијата исто така се одложи.

-Ќе се дружиме почесто затоа што тоа е нашо хоби, затоа што сите се мераклии и не исполнува. Денес имаме и некои нови членови кои првпат се дружат со нас и со нив разговаравме за нивно вклучување во клубот со потпишување пристапници со што и официјално ќе можат да се зачленат. Да напоменам и една друга работа поврзана со Т-3 комбињата кои во нашиот град ги има во доста добра бројка, негде околу 12-13 такви возила. Годинава со дел од сопствениците на тие возила требаше да учествуваме на Балкан-бус собирот во Ниш на кој беа најавени учесници од 120 земји. Тоа требаше да биде 10-ти собир по ред, а ние бевме пријавени како единствени учесници од Македонија. Со организаторите доколку се подобри ситуацијата со пандемијата ќе разговараме за можноста овој собир следната година да се одржи во Делчево за што благовремено ќе бидете известени, додаде Трајановски.

Еден од оние кој денес учествуваше со такво Фолксваген Т-3 комби е и делчевецот Ванчо Цоневски кој планира активно да учествува на бус-митинзите кои ги најави Трајановски.

-Денес сум тука со возило Т-3 „фолксваген”, комби кое го имам го околу 8 месеци. Имав желба за постари возила одамна, имав застава 750 – фиќо претходно, но немав услови да го средам и затоа го продадов. Лоренцо ми даде идеја за да го средам, повеќе време траеше, но се исплатеше. Возилото ќе ми служи за личен транспорт, но и како олдтајмер кој е во малкју помодерен стил, со додатоци од украсни диоди, додатни фарови и слично, објаснува Цоневски.

Сите возила кои денес дојдоа својата убавина ја претставија на дефилето пред своите сограѓани кои пиеја кафе во блиските локали, но уживаа во глетката на булеварот каде што се движеа возилата. За одбележување на денешниот настан е и тоа што учество зедоа младите Матеј Левковски и Никола Тодоровски кои како вљубеници во овој спорт во идниан планираат да учествуваат на разни собири како најмлади членови на Здружението „King’s of the roads” од Делчево.

 

МИА