Наплаќањето влезница во Галичица што ги револтира планинарите е со одлука на Влада од 2013 година – ММС
ММС

Објавено на: 08/22/20 4:07 PM

Наплаќањето влезница во Галичица што ги револтира планинарите е со одлука на Влада од 2013 година

Со денови корисниците на социјални медиуми наидуваат на пишувања полни со револт од наплатата на влезници од 200 денари на влезот на Националниот парк Галичица.

„За искачување на врвот на Галичица наплаќаат планинарина 200 денари?! А бесплатно е крадење на дрва од шумите!!!! Кога ќе почнете воздухот да го наплаќате?“, пишуваат корисник на Твитер.

Наплатата на влезници, но и други надоместоци е регулирано со одлука на Владата од 08.06.2013 година. Наплатата се однесува за трите национални паркови во Македонија – Пелистер, Маврово и Галичица. Износот е од 20 денари па се до 1000 денари.

-Донесените одлуки, во согласност со позитивните законски прописи, точно ги дефинираат формите и категориите на надоместоците кои ќе треба да се плаќаат при влез во националниот парк, за престојување или за паркирање на возилата и за искористување на плодовите од шумите во националните паркови. Согласно одлуките, од плаќање на надоместоци се ослободени лицата кои имаат живеалишта на подрачјето на националниот парк. Со ова, во областа на заштита на природата, практично се имплементира начелото „корисникот плаќа“, а собраните средства ќе се користат исклучиво за унапредување и заштита на националните паркови од кои потекнуваат, рече на прес конференција Абдулаќим Адеми, тогашен министер за заштита на животна средина и просторно планирање.

Националниот парк „Галичица“ кога ја воведе наплатата, посетителите за влез плаќаа по 30 денари, за автомобили и мотори – 50 денари, за минибуси 80, а за автобус 150 денари. За посета на посебни објекти и за патеката Магаро или островот Голем град влезницата чини 200 денари, исто колку и еднодневно кампирање (кое е дозволено единствено во локалитетот Корита). За поставување шатор се наплаќа 150 денари. Билетот за параглајдеристите ќе чини 300 денари за 30 минути лет, додека целодневен билет ќе ги чини 1.000 денари, а собирачите на диви плодови и растенија ќе можат да извадат легитимација која ќе чини 500 денари годишно.

На страницата на Националниот парк Галичица, не може да се најде ценовник, или ако го има ќе треба да се пребарува.