Низ протест кочанчани побараа фабриката „Пејпар мил“ да користи еколошки горива – ММС
ММС

Објавено на: 08/22/20 2:44 PM

Низ протест кочанчани побараа фабриката „Пејпар мил“ да користи еколошки горива

Метан или друг вид на еколошко гориво да влезе во системот на фабриката „Пејпар мил“ со што помалку ќе загадува, побара денеска граѓаните на Кочани, кои протестираа пред фабричкиот влез. Компанијата, која произведува ќеси и друг вид на пластичен материјал, се наоѓа близу централниот дел на Кочани, а во нејзината близина има две училишта и една градинка.

– Врз основа на резултатите од мерните станици утврдивме дека најголем загадувач е токму фабриката „Пејпар мил”. Нашето барање е фабриката да почне да користи поеколошки енергенс, односно да се врати на користење на метан. Таа е лоцирана во близина на централното градско подрачје каде има две училишта, има градинка, згради во кои живеат стотици семејства, но и целиот град е афектиран од загадувањето. Освен тоа се загадува и почвата, а и површинската вода. Очекуваме надлежните од локалната самоуправа да преговараат со одговорните во „Пејпар мил” и да се најде поволно решение, побара Горан Соколов од организацискиот одбор на протестот.

Насобраните граѓани рекоа дека не сакаат да се затвори капацитетот, бидејќи многу семејства живеат од фабриката. Она што го бараат е придржување кон еколошките стандарди.

Интервенција побараа и од Општината Кочани, од Министерството за животна средина, на кое му дадоа десетина денови да одговори. Во меѓувреме го очекуваат и одговорот од Jавното обвинителство до кое имаат поднесено пријава против загадувањето од „Пејпар мил”.

Граѓаните веќе трет пат организираат протести. По еден од ваквите протести, Инспекторатот за заштита на животната средина привремено ја стопира работата, додека од компанијата

-Денешниот протест е епилог на гнев кај нашите сограѓани и ние планираме да го канализираме за да го решиме проблемот. За жал, не сум задоволен од бројката на присутни на протестот и оваа прилика ја користам да ги повикам политичките партиии да го повикаат нивното членство да излезе бидејки проблемот ги засега сите. Да излеземе заедно и да покажеме граѓански капацитет и моќ за проблемот да биде решен.  Проблемот мора да го реши Министерството за животна средина, а  локалната  самоуправа може да прави некој институционален притисок бидејки надлежностите и се ограничени, рече Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани од „Независната листа на граѓани“.

Граѓаните кои протестираа се заканија дека протестите пред фабриката ќе се интензивираат и ќе продолжат секојдневно доколку изостане реакција од институциите, а ќе се попречува нејзиното нормално функционирање.