Микрофонот го замени со сукало- Татјана Лазаревска стана карантинска домаќинка – ММС
ММС

Објавено на: 08/22/20 12:54 PM

Микрофонот го замени со сукало- Татјана Лазаревска стана карантинска домаќинка

Во Австралија се на сила мерки за заштита од корона вирус, од 20 часот до пет наутро е карантин, не смеат групно на пешачење и пазарење, нема дружење,  задолжително носење маска, социјална дистанца и се друго што го налага протоколот.  За да се издржат деновите во карантин, на многумина им проработеа скриените таленти. Пејачката Татјана Лазаревска пее и сука. Откри дека е специјалист за пита, па микрофонот привремено го замени со сукало. Таа на Фејсбук објави фотографии каде подготвува специјалитет, по рецепт на баба и.

 

-Оваа пита е по рецепт на мојата нана Јелка, врањска пита е и се вика  „пропеќ“, а тоа значи пита со сирење и јајца. Секогаш сум ја гледала како ја прави нана и сум уживала, но минатиот пат решив јас да пробам. И за чудо ми успеа. Беше многу вкусна., Денес ја правам втор пат и уште поуспешна, вкусна, да не зборувам, прсти да излижеш. Ете тоа ни е работатат во карантин. Новица одсекогаш го бивало за готвење. Јас за лесни и вообичаени јадења а тој за специјалитети, по негов рецепт. Минатиот пат Новица правеше скара,  а сега јас пита. Направив две. Едната е по рецептот на нана а другата е со сецкан компир и праз, а ла Ноле, вели Тања и додава:

„Искрено Новица си го бива одсекогаш за готвење ама мене сега ме спопадна желбата за готвење. Јас си бев по чистењето, така ни беа поделени работите. Но, сега не знам што се случува со мене, проработе некој скриен талент. Ова карантинов е чудо.  Добив желба и да испробувам други рецепти, а Ноле е доктор за салати, за некое јадење со мевце, со чварки. Им прави разни задоволства на децата“, вели пејачката.

Мелбурн, каде што живеат е под строги мерки. Тоа беше и причината што нашинците ова лето беа спречени да си дојдат во татковината.  И за нив, како и за сите, најважно е здравјето, а Македонија ќе ја шетаат идното лето.

-Полицискиот час е од 20 часот до пет сабајле. Ама ние сме во рестрикција четврта фаза, што значи смееме само еднаш во денот по само еден час да одиме на рекреација и тоа во радиус од пет километри, само по двајца за пешачање, за возење велосипед или трчање. За пазарење во маркетите смее само по еден и тоа исто така во радиус од пет километри. Има многу строги полициски контроли.  Поради короната нашите планови за Македонија пропаднаа. Од Македоците овде не сум слушнала дека некој е заразен. И не дај Боже, нека нема заразени кај сите заедници, не само кај нашата, за да може ова лудило што побргу да заврши.  И овде вирусот засега ги напаѓа повозрасните, а младите, како и сегаде се поопуштени. Навистина е многу голема штета што годинава не можеше никој да си дојде во татковината и традиционално таку да си го помине летото.  Носталгијата доаѓа повеќе до израз кога знаеш дека не можеш да си дојдеш во татковината. Но, пак, ќе кажам, да бидеме сите живи и здрави и се гледаме следното лето, вели Лазаревска.

Весна Миленковска