Луѓето кои користат или користеле дрога имаат огромен потенцијал, но немаат простор да го покажат тој потенцијал и да се доразвиваат. Средствата за помош на овие заедници се секогаш некако на последно место. Веќе долги години наназад препознаваме дека луѓето кои користат дроги се практично непрепознаени на пазарот на труд, дури и да имаат вештини кои се уникатни, луѓето заради стигмата и дискриминацијата одбиваат да им дадат можност да заработат, што доведува до други ситуации понатаму.
Ова во интервју за МИА го нагласи Благородна Коцева Симјанов од Здружението ХОПС – Опции за здрав живот, која е координатор на проектот „Креативна акција за општествени промени-Граѓански ангажман на луѓето во социјален ризик” кој ги вклучува луѓето кои употребувале или употребуваат дрога.
Коцева Симјанов упати порака до луѓето, да не ги избегнуваат заедниците кои се различни од нив, туку напротив, ако може да ги ислушаат и да им помогнат – тоа да го направат, во спротивно да не ги осудуваат.
Со луѓето корисници на дроги во социјален ризик изработуваат од реупотребени материјали интерактивни мали инсталации за децата во социјален ризик. Тие мали инсталации се наменети за децата во малите групни домови.
ХОПС во четвртокот промовираше „жива” уметничка инсталација, со четири лица, наречена „РЕ употреби го умот” изработена од страна на луѓе кои употребуваат дроги, а инсталацијата е дел од овој проект. Таа е изработена од реупотребени материјали и содржи зеленило. Коцева Симјанова појаснувајќи ја симболизацијата на инсталацијата вели „ако ние садиме во нашите умови навреме нови и свежи идеи и ако заеднички се грижиме тие да пораснат, општеството ќе биде подобро”.
На тој начин, од ХОПС веруваат дека ќе ја заштитат и животната средина, односно ќе помогнат тие пластични садови да бидат украс на градот, но и да ги поттикнат другите од дома да направат декорации со пластичните шишиња и да засадат нешто.
Со Коцева Симјанова разговаравме за почетоците на проектот „Креативна акција за општествени промени-Граѓански ангажман на луѓето во социјален ризик”, за тоа што вклучува и како токму овој проект им помогна на лицата кои се корисници или користеле дрога.
Кога почна да се спроведува проектот?
Од 1 јуни 2019 година почна да се спроведува проектот „Креативна акција за општествени промени – Граѓански ангажман на луѓето во социјален ризик”. Генерално идејата е да му покажеме на општеството дека и оваа заедница може да придонесе со своите идеи да се зголеми квалитетот на заедничкото живеење во градот или во локалната заедница, зависи каде во моментот е интервенција.
Повеќе цели поврзувате со овој проект, но во центарот е човекот со социјален ризик и насочување на неговата креативност кон нешто конструктивно. Може ли малку повеќе да ни појасните за проектот?
Јас прво би кажала од каде се идеите. Повеќе години наназад работам со заедниците со кои работи ХОПС, тоа се луѓе кои користат, користеле дрога или нивните семејства и сексуални работници. Она што во работата со нив на тие креативни работилници што го забележав и што го забележуваме години наназад е дека тие имаат огромен потенцијал како и останатиот дел од општеството. Имаат огромен потенцијал, но немаат баш простор да го покажат тој потенцијал и да се доразвиваат. Средствата за помош на овие заедници се секогаш некако на последно ниво. Така, работејќи, сфаќаме дека намалувањето на штетите има повеќе процеси. Еден од основните процеси е процесот на реинтеграција и ресоцијализација. Ние веќе долги години наназад препознаваме дека корисниците, луѓето кои користат дроги се практично непрепознаени на пазарот на труд, дури и да имаат вештини кои се уникатни луѓето заради стигмата и дискриминацијата одбиваат да им дадат можност да заработат, што доведува до други ситуации понатаму. И така ние оформивме една идеја, која благодарение на Цивика мобилитас е поддржана и можеме да ја оствариме. Во самиот проект работиме на повеќе нивоа, односно работиме со луѓе, возрасни во социјален ризик и со деца во социјален ризик. Имено, луѓето корисници на дроги во социјален ризик со нив изработуваме од реупотребени материјали интерактивни мали инсталации за децата во социјален ризик. Тие мали инсталации се наменети за децата во малите групни домови при Министерството за труд и социјална политика кои исто така морам да кажам дека неколку години наназад ги отвора вратите за организациите кои ја даваат целата поддршка за интеграција на овие заедници и за намалување штетите на секое поле. Децата кои ги добиваат овие предмети исто така со нив поминуваме време во кое освен што се отвораме креативно, со нив ги споделуваме и согледуваме можностите од реупотребата. Воедно, влијаеме, се надеваме да влијаеме на свеста на околината дека како луѓето, така и предметите треба да им даваме повеќе шанси, да не се откажуваме од нив, бидејќи нерешените предизвици создаваат само поголем општествен отпад. Тоа е така генерално.
Ова е практично сублимација од целогодишна работа и е дел од една идеја за „жива” инсталација. Ние во самата креативна акција за општествени промени започнавме да создаваме дело кое генерално го крстивме „РЕ употреби го умот”. Целта е целосно да работиме со реупотребени материјали и тука ги вклучуваме сите останати наши активности. Ова дело почна да се гради симболично уште минатата година на „Д Фестивал” каде дел од овие предмети овде што се изработени, се изработија тогаш таму од младите кои беа гости на фестивалот. Таму секако бевме со цел намалување штети од користење дроги и подигање на свесноста на младите и нивно мотивирање да го искажат својот став, затоа што ако го искажат својот став така ќе може и да влијаат во промената. „РЕ употреби го умот” имаше досега еден сегмент, доживеа и учество на изложба која беше организирана од Европскиот Универзитет, тоа беше деветта меѓународна, научна конференција која оваа година беше посветена на инклузивноста, односно на инклузивното општество. Ние таму се претставивме со дел од предмети изработени на различни настани, на различни можности каде ја претставуваме нашата организација, изработени од луѓе случајни минувачи и од луѓето кои партиципираат во оваа акција создадовме едно дело кое се вика „Пластика”, што е исто дел од идејата за „РЕ употреби го умот”. „Пластика” во тој момент претставуваше и се уште претставува дека секое општество е полно со различни зависности, но за луѓето кои се корисници на дроги како да се најопасните, притоа општеството тука не ги препознава еднакво и другите зависности. Таа инсталација го доживеа своето светло. Понатаму се уште ќе имаме активности кои ќе бидат со мало име, да кажам „Ре употреби го умот”, бидејќи нашата цел е постојано да ја потсетуваме јавноста, да го потсетуваме општеството дека треба да ги реупотребуваме сите сили вклучувајќи ги и човечките затоа што само така ќе бидеме подобри.
За колку инсталации станува збор и од што се изработени?
Во креативната акција имаме предвидено две инсталации за јавен простор. Ова е првата, следната ќе биде за отприлика месец и половина претставена на јавен простор. Симболиките, освен што се направени од реупотребени материјали и зеленило, веруваме дека овие елементи ќе ги користиме и ги претвораме во човечки ликови или ликови на други суштества, кој како бил инспириран во моментот и садењето растение во нив, веруваме дека и другите ќе го препознаат како момент во кој веруваме дека ако ние садиме во нашите умови навреме нови и свежи идеи и ако заеднички се грижиме тие да пораснат, општеството ќе биде подобро. Оваа инсталација има четири страни, сите се од реупотребени материјали. Едната страна симболизира трпеза, дом, астал, нешто што го има секој од нас, а другата страна е оној момент на столче, на пример ако видиме некој дека е вознемирен или дека нешто не се чувствува како што треба нели често кажуваме седни, одмори, размисли. Значи со буквално да кажам улични реторики се служиме за да доловиме колку е потребно едноставно да размислуваме и само да пружиме рака, затоа што така ќе си помогнеме. Една од страните на инсталацијата е насловена „Заземи став” што претставува зелен вертикален урбан простор кој овозможува изразување на позитивниот став на младите. Друга страна е „Биди зелен” – тоа е тема која мислам дека не само скопјани, туку и целата држава и светот сме загрижени се повеќе за тоа како се однесуваме со природата и со она што ни дава живот, од друга страна комбинацијата со растенија и пластични шишиња покажува дека треба да најдеме начин како да се справиме со општествените проблеми, односно со отпадот. Другите две страни претставуваат друга симболика – едната е „Седни и размисли” која претставува место каде што може да се седне и да се размисли и „На астал”, која произлегува од тоа да седнеме на маса, да ги отвориме картите и да ги решиме предизвиците наместо да ги туркаме настрана.
Како со овој проект им помогнавте на лицата корисници на дрога?
Луѓето кои користат дроги или користеле, она што можам да го кажам од последниве случувања, изминативе месеци со пандемијата од Ковид, морам да кажам дека ние сите останати бевме позасегнати од нив. Жална е вистината, зошто е тоа така. Повеќето од нив и претходно се веќе социјално изолирани. Освен што се непрепознаени на пазарот на труд, тие и од својата околина се одбегнуваат и тоа се луѓе кои практично многу често во денот не среќаваат други луѓе, освен оние кои им помагаат. Тоа е вистина и е жална вистина. Изјавите на повеќето од нив и јас верувам во тоа бидејќи сум дел од тие процеси и гледам што се случува, се дека тие со нас се чувствуваат добро, тоа е едно. Друго, се чувствуваат нестигматизирани и имаат можност да се изразат. Повеќето од нив и самите, оние кои се вклучија во акцијата, шетајќи по градот собираат отпад бидејќи се чувствуваат и тие виновни дека го гледаат. Ние со ова ги повикуваме сите останати да не ги избегнуваат заедниците кои се различни од нив, туку напротив ако може да ги ислушаат и да им помогнат, тоа да го направат, во спротивно да не ги осудуваат, бидејќи секој на различен начин може да стане дел од една заедница од која не сакал да биде.
Велите дека користите реупотреблив материјал за овие инсталации. Дали проектов го поврзувате и со заштита на животната средина?
Да, апсолутно. Светот е целосно насочен кон конзумеризам. Денеска практично е невозможно дури и на шнајдер да видите некој да однесе да се смени патент, нели ќе си купи нешто ново, а камо ли со пластичниот отпад кој го произведуваме секојдневно во домаќинството. Тоа е едно море од отпад кое треба да најдеме начин како да го реупотребиме и што да создадеме ново од него, но и корисно. Ние мислиме дека успеавме горе долу да најдеме едно успешно решение кое претставува пластични садови во кои ја садиме природата, и веруваме дека освен што ќе помогнат тие пластични садови да бидат украс на градот, веруваме дека ќе помогне и другите да видат дека можат тоа од дома да го направат со пример шишињата од вода, дека може да направат декор, да засадат нешто или некакви други елементи и верувам дека со тоа придонесуваме, особено младите деновиве додека местевме, многу дечиња кои тука се свртеа побараа дома нешто да направат од шишињата што ги имаат. Треба малку само да се вклучиме креативно, да се отвориме и ослободиме.
МИА