Финалистот на Лигата на Шампионите и капитен на француски ПСЖ, Тиаго Силва, по финалето во недела станува слободен агент, откако раководството на клубот реши да не ја продолжи соработката со него.
Интерес за искусниот бразлиски дефанзивец пројавуваат неколку тимови од Европа, а како последно највпечатливо име кое се поврзува со Силва е англиски Челзи. Според англиските медиуми Челзи веќе е во фаза на преговори со Силва, кој ќе биде краткорочно решение на „Стемфорд Бриџ“ и ќе потпише за тимот на Лампард како слободен играч.
Триесет и петгодишниот поранешен фудбалер на Милан, се гледа како искусна фигура и авторитет во кревката одбрана на „сините“ и играч кој ќе може да помогне да се зацврсти задната линија на Челзи за претстојната сезона. Силва секако не би претставувал последно засилување на Челзи во одбраната во овој трансфер период. Бен Чилвел од Лестер е на чекор до преминување во клубот од западен Лондон, а уште еден централен дефанзивец и голман замена за Кепа Аризабалага, се споменуваат во комбинација.
Покрај него и покрај веќе донесените аквизиции во името на Тимо Вернер и Хаким Зијеш, во најбрз можен рок се очекува да стави потпис и Каи Хаверц, додека пак еден цел контингент на фудбалери се очекува да го напуштат Лондон во текот на летото. Емерсон, Дринквотер, Бачуаји, Алонсо, Баркли, Кристенсен, се само дел од фудбалерите од кои Лампард не е задоволен и планира да се ослободи од нив, меѓудругото и за финансиското ослободување кое ќе може да ги покрие направените и трансферите кои претстојат.