Значително се зголеми топењето на мразот на Гренланд и го урна претходниот рекорд за 15 отсто. Според најновата анализа на научниците, нивото на распаѓање на мразот е невидено досега уште од мерењата почнати во 1948 година.
Авторите на анализата веруваат дека емисиите на јаглерод го воведуваат овој остров во ерата на екстремно топење, пренесува ББС. Според студијата, уделот на Гренланд во глобалното ниво на морето значително се зголемил во последните три децении со зголеменото количеството на стопен мраз.
Меѓународниот извештај од декември минатата година посочува дека Гренланд губи мраз седум пати побрзо отколку во текот на 90. години, а новата студија го потврдува тоа.
Истражувачите тврдат дека Гренланд во текот на целата година изгубил 532 гигатони мраз, што е значително зголемување во однос на 2012 година. Според пресметките на данскиот климатолог Мартин Стендел, загубата на мраз од минатата година е доволна за да ја покрие цела Велика Британија со околу два и пол метри вода.