Тетовци не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи – ММС
ММС

Објавено на: 08/20/20 4:42 PM

Тетовци не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи

Во сообраќајна несреќа во гостиварското село Врапчиште повреден е мотоциклист. Возачот се здобил со тешки телесни повреди. Голем дел од сообраќајните несреќи кои се случуваат во полошко, а ги има многу се поради непочитување на сообраќајните правила и прописи.
Вчера на локалниот пат што од автопатот Гостивар-Тетово води кон гостиварско Врапчиште, се случила сообраќајна незгода во која учествувале товарно моторно возило, управувано од 23-годишник од Кратово и мотоцикл без регистарски ознаки, што го управувал 66-годишник од Врапчиште. Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, кои се констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад”, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. Увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар.
Заклучно со минатиот месец, полициските службеници на СВР Тетово во Тетово и Тетовско изрекле вкупно 704 мерки за појаси, кои биле заокружени со соодветни поднесоци, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

 

Имајќи ги предвид овие состојби, Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до возачите задолжително да ги употребуваат, односно да ги врзуваат сигурносните појаси подеднакво, и кога се движат на подолги релации, но и низ градските улици, бидејќи станува збор за мерка насочена најмногу на нивната лична безбедност како и за безбедноста на другите во возилата.

Користењето на сигурносните појаси е пред сѐ законска обврска, но факт е и дека тие значително влијаат какви ќе бидат последиците од можните сообраќајни несреќи. Секое нејзино непочитување повлекува санкции, без разлика дали станува збор за возач или патник на предното или задното седиште.И неделава во Тетово продолжуваат засилените сообраќајно-контролни активности на мотоцикли, на возила со вградени фолии, како и на возила кои не ги почитуваат знаците и прописите што се однесуваат на паркирањето.

Во овие активности вчера биле откриени и законски санкционирани 9 непрописно паркирани возила, кои веднаш биле подигнати од тетовската „пајак-служба”, исто толку возачи без положен возачки испит, 4 нерегистрирани возила, 1 возач-почетник кој не се придржувал на законските ограничувања и други прекршоци. Откриените прекршоци заокружени се со соодветни поднесоци.