На 64 годишна возраст, почина еден од најпознатите и најетаблираните тренери во младинските кошаркарски категории во земјава, Драган Василов – Цевка.
Неговата одлична и посветена работа најмногу се огледува во историскиот успех на македонската кошаркарска репрезентација во Литванија во 2011 година, каде што нашите кошаркари го освоија четвртото место на Европското првенство, а структурата на тој колектив беше „помината низ рацете“ на популарниот Цевка. Перо Антиќ, Ѓорѓи Чековски, Димитар Мираковски произлегоа токму од таа школа на КК Работнички, предводена од Драган Василов.
Во 1999 година беше селектор на кадетската репрезентација на Македонија која го освои шестото место на Европското првенсво во Словенија. По заминувањето од Работнички, Цевка стоеше на кормилото и на неколку скопски тимови, Торус, Партизан Водно Санс, Фенис 2010 и Јуниор.
Последната функција на Василов беше претседател на Тренерската комисија при Кошаркарската федерација.
Пријателите и кошаркарските работници денес се опростуваат од легендарниот кошаркарски работник и вљубеник во кошаркарската игра.