Неговите песни се пееа, се пеат и ќе се пеат иако веќе девет години не е меѓу нас. И денес не поминува семејна веселба, крштевска, слава, свадба, роденден, а да не се запее некоја песна од богатиот репертоар на Гоце Арнаудов. А родендените најмногу ги сакаше. Секогаш беше расположен за веселба, а неговата енергија и ден денес недостасува. Да беше живе денес ќе наполнеше 66 години.
-Голем празник, убав ден и на татко роденден… Иако овој ден секогаш ќе се памети по среќа, последните години изостануваат роденденските желби, но засекогаш нека остане добрата мисла во сите вас, да ги отвориме дверите на нашето срце, за таму да го населиме Бога и за сите луѓе да подариме повеќе љубов, да се преобразиме не само себеси, туку со својот живот да бидеме пример за сите околу нас. Нека е среќен ден за сите, нашиша неговата ќерка Харита.
Во чест на роденденот неговото семејство сопругата Силвана, синот Оскар и ќерката Харита, со нејзиното семејство, денес во Охрид, каде што е мажена, ги пеат неговите песни.
-Денот кога засекогаш замина не потсетува на тага и затоа освен посета на неговиот вечен дом не правиме ништо. Иако му ветивме дека и по него ќе пееме и ќе бидеме весели. Бидејќи беше човек кој многу сакаше родендени, прв честиташе на сите, затоа и по него продолживем да го славиме неговиот роденден и да го паметиме по убаво. Одсекогаш било така, подобро е овој ден да се памети, да се одбележува, бидејки тоа си го сакаше самиот тој. А недостасува многу, да запее, вели Харита и додава:
„Ги пееме неговите песни, иако тој немаше конкретна, немаше омилена, бидејќи си ги сакаше сите. Кога некогаш ќе сакам некоја песна да споделам не можам да се одлучам која, бидејки и самиот не ги одвојуваше, туку си ги сакаше. Испеал доволно за секоја пригода и да се слушаат за навек. Јас едно време се чудев кога со Блага Петреска ја испејаа во дует „Да се вратат чедата“, некако не ми беше убава. Ама денес кога ја слушам плачам, иако е испеана пред 20 години, важи токму за сега, бидејќи се живо си замина од тука. По 20 години дојде да го живееме тоа што го испејаа. Кога ја слушам се ежам. Јас на ќерка ми Каја и ги пеам песните, што тој мене ми ги пееше како помала. Знаеше да ме гушне и да ми ги запее „Злато си ми ти“ и „Ми требаш ко вода ко леб“. Затоа сега јас тоа истото и го правам на Каја. Многу си ги сакам овие две песни, постојано пред испит си ги пуштав да ми носат среќа“ вели Харита.