Уште едно лето и уште едно разочарување на македонскиот клупски фудбал во европските натпреварувања. Сепак Спарта Прага и БАТЕ Борисов ќе останат нешто најблиску до Лигата на Шампионите, кое македонските претставници го оствариле во изминатите три децении.
Македонскиот вице-шампион Силекс, уште во првото квалификациско коло во најдоброто европско клупско натпреварување е елиминиран од шампионот на Азербејџан, Карабах. Екипата која до неодамна кршеше копја со тимови како Челзи во групната фаза од Лигата на Шампионите, се покажа како пресилен противник за кратовскиот тим и покажа амбиции да оди до крај во овие квалификации.
Карабах беше далеку подобар опонент во дуелот и во целост ја заслужи победата и местото во второто коло. Рано го отворија резултатот во 11 минута со голот на Ромеро, а при крајот на првото полувреме го зголемија водството преку Гуерие.
Истиот фудбалер постигна и втор, односно трет гол за својот тим во 51 минута од мечот, а домаќините во 80 минута го окончаа резултатот 4:0 со голот на Емрели.
На стадионот „Тофик Бахрамов’’, кратовчани не се покажаа во најдобро светло, иако имаа период на коректна игра во втората половина од второто полувреме. За жал, недоволно во овој ранг и во ова натпреварување.
Да се потсетиме, Силекс како второпласиран во сезоната 2019/20 во ПМФЛ доби прилика да игра ЛШ, поради тоа што шампионот Вардар ја загуби лиценцата за партиципација во ова натпреварување за претстојната сезона.
Силекс продолжува со обврските во македонското фудбалско првенство.
https://www.youtube.com/watch?v=QHvYxeErmxk&feature=emb_title