Водачите на пучот во Мали ветуваат кредибилни избори – ММС
ММС

Објавено на: 08/19/20 12:39 PM

Водачите на пучот во Мали ветуваат кредибилни избори

Водачите на пучот во Мали ветија дека ќе одржат веродостојни избори преку соопштение објавено преку националната телевизија, пренесува Анадолија.

Лидерите на пучот, кои го натераа претседателот Ибрахим Баубакар Кита да си даде оставка, исто така најавија формирање на Национален комитет за спас на народот за надгледување на политичката транзиција.

Комитетот ја потврди намерата за воспоставување граѓанска политичка транзиција до изборите во разумен период, се вели во соопштението прочитано на националната телевизија од полковникот Исмаил Ваги, портпарол на CNSP.

Тој исто така најави почитување на меѓународните договори.

Кита даде оставка откако тој и премиерот Бубу Сисе беа однесени во воениот камп кај Кати лоциран на 15 километри северозападно од главниот град Бамако.

Мали е зафатен од протести неколку месеци додека демонстрантите бараат оставка на претседателот.

Тензиите во Мали избувнаа во 2012 година по неуспешниот пуч и бунтот на Туарезите што на крајот им овозможи на милитантните групи поврзани со Ал Каеда да ја преземат северната половина од земјата.

Кита (75) дојде на власт во 2013 година, но беше критикуван од населението поради неуспехот да ги заштити од терористичките напади претежно во северниот и централниот дел на земјата.

Во Мали, една од најсиромашните земји во светот, присутни се неколку терористички организации, и покрај мировниците од Франција, Мали и мировниците на ОН, кои таму спроведуваат антитерористички операции.

Мировниот договор во 2015 година меѓу Владата и бунтовниците Туарези не може да се спроведе.