Лукашенко: Западните земји ги финансираат протестите и немирите во Белорусија – ММС
ММС

Објавено на: 08/19/20 12:25 PM

Лукашенко: Западните земји ги финансираат протестите и немирите во Белорусија

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека е убеден оти Западот ги финансира уличните собири и немирите во таа земја.

На седницата на белорускиот Совет за безбедност, Лукашенко ги повика водачите на западните земји, кои денес се состануваат за да разговараат за ситуацијата во Белорусија, да се фокусираат на проблемите во нивните земји.

„Западните земји директно, без никакво криење, најавуваат собирање средства и нивно испраќање во Белорусија. Би сакал да ги посоветувам: пред да го вперат прстот кон нас, на агендата на своите состаноци треба да ги стават прашањата за ‘жолтите елеци’ во Франција и ужасните немири во САД,  протестите против мерките за изолација поради коронавирусот во Германија и во други европски земји“, рече Лукашенко, а пренесува агенцијата „Белта“.

Масовните протести на опозицијата започнаа низ Белорусија на 9 август по претседателските избори, на кои ги победи актуелниот претседател Александар Лукашенко, кој, според официјалните резултати, освои околу 80 отсто од гласовите.

Опозицијата не ги признава резултатите од изборите и за победник ја смета Светлана Тихановскаја.