Претседателот на Мали, Ибрахим Баубакар Кита, премиерот Бубу Сисе и неколкумина официјални претставници вчера се уапсени од војници побуненици, јавуваат локалните медиуми, пренесува агенцијата Анадолија (АА).
Кита и Сисе се однесени во воениот камп кај Кати, кој се наоѓа на 15 километри северозападно од главниот град Бамако, околу 4:30 часот по локално време (1630 GMT), според весникот „Journal du Mali“.
Претходно беше објавено дека од воениот камп се слушнаат истрели од огнено оружје, а видени се и воени камиони кои се движеле кон главниот град. Војската, наводно, го блокирала патот од градот Кати до Бамако, а биле затворени и трговските објекти и канцелариите.
Извори за онлајн весникот „МалиАкту“ (MaliActu) изјавија дека одреден број официјални лица, меѓу кои и министерот за финансии, претседателот на Националното собрание и неколку други истакнати личности, биле исто така уапсени од неидентификувани вооружени лица.
Муса Факи Махамат, претседател на Комисијата на африканската унија, ги осуди апсењата.
„Остро го осудувам апсењето на претседателот Ибрахим Баубакар Кита, премиерот и другите членови на владата на Мали и повикувам на нивно итно ослободување“, порача Махамат пеку Твитер.
„Остро го осудувам секој обид за антиуставни промени и ги повикувам побунениците да престанат со употреба на насилство и да ги почитуваат институциите“, додаде тој.
Во Мали се одржуваат протести неколку месеци на кои демонстрантите бараат оставка на претседателот Кита.
На социјалните мрежи, француската и белгиската Амбасада во Мали ги повикаа своите државјани да го ограничат движењето со оглед на моменталната тензична ситуација во Бамако.
Мисијата на Обединетите нации во Мали му препорача на персоналот на ОН да ја избегнува областа на Кати и Бамако до понатамошно известување.
Куќата на министерот за правда, Касум Тапо, денес е запалена и вандализирана од страна на млади демонстранти во Бамако.
Воениот бунт се случува во период кога наназад неколку месеци Економската заедница на државите од Западна Африка (ЕКОВАС) презема иницијативи и обиди за посредување меѓу сите страни во Мали, се вели во денешното соопштение на ЕКОВАС.
„ЕКОВАС ја повикува војската да се врати во касарните, и бара од сите страни во Мали како приоритет да го стават дијалогот за решавање на кризата со која се соочува нивната земја.“
Тензиите во Мали избувнаа во 2012 година по неуспешниот пуч и бунтот на Туарезите што на крајот им овозможи на милитантните групи поврзани со Ал Каеда да ја преземат северната половина на земјата…
Според последните информации што пристигнуваат утринава, претседателот Кеита денес си поднел оставка и најавил распуштање на парламентот и на владата.