Од Лацио бесни, Силва со денови не кревал на телефон и потпишал со Реал Сосиедад – ММС
ММС

Објавено на: 08/18/20 2:11 PM

Од Лацио бесни, Силва со денови не кревал на телефон и потпишал со Реал Сосиедад

Силва ќе добие статуа на „Етихад“, го напушти клубот како фудбалски господин и веројатно до вчера не постоеше човек на планетата кој можеше да каже лош збор за шпанскиот магионичар. Играчкото наследство не може никако да му се избрише, но потегот на Давид Силва и тоа како може да фрли „кал“ на неговата репутација.

Давид Силва беше на чекор до потпишување во Лацио, договорот структуриран, недостасуваше уште негово појавување во Рим и потпис на истиот. Потписот никогаш не се случи, со италијанскиот клуб. Но, се случи со екипата од „Аноета“.

Реал Сосиедад во последен момент го „украде“ Силва од лацијалите и го донесе во своите редови. По одигрувањето на четвртфиналниот дуел со Лион, Силва и официјално беше слободен играч.

Понеделник навечер како од ведро небо на официјалната веб-страница на тимот од Сан Себастијан излезе веста дека бројот 21 е резервиран за нов играч. Играчот, погодувате – Давид Силва. Тој потпиша двегодишен договор со Реал Сосиедад и ќе го сино-белиот дрес до 2022 година.

Раководството на Лацио предводено од Игли Таре, апсолутно немало идеја за овој пресврт во настаните. Тие со Силва неколку денови не можеле да воспостават контакт, бидејќи Шпанецот не одговарал на повиците од римскиот клуб. За трансферот на „Аноета“ и тие дознале преку официјалните гласила на шпанскиот тим.

Поранешниот албански репрезентативец и соиграч на нашиот Горан Пандев, кратко изјави дека Давид Силва е одличен фудбалер, но неговите човечки квалитети се доведуваат во прашање.