Езерска РОК симфонија со Камелеон и пријателите во Охрид – ММС
ММС

Објавено на: 08/16/20 8:02 AM

Езерска РОК симфонија со Камелеон и пријателите во Охрид

Концерт на вода, музика на душа… Вака организаторите го најавуваат големиот концерт на охридската група Камелеон, кој ќе се одржи вечерва на Градското пристаниште во Охрид.

Пред публиката ќе бидат изведени 17 песни, меѓу кои и две нови, кои ќе бидат промовирани токму вечерва. Песните се со нови аранжмани, а ќе бидат презентирани заедно со Камерниот оркестар од Битола и хорот Vox Lychnidos. Специјални гости на вечерта ќе бидат Ѓоко Танески, Жармена, Теодор Љушкоски, Горан Папаз и Никола Тони.

Посебна убавина на вечерашниот настан ќе му даде и самата организација на концертот, затоа што истиот ќе може да се следи од вода, односно публиката ќе биде на некој од охридските бродови или катамарани, од каде ќе ужива во музиката. Бројот на билетите е ограничен, па затоа сите кои сакаат да бидат дел од овој настан можат да го резервираат својот билет: брод „Армада“ 075/420-401, брод „Галеб“ 070/307-359, бродови „Александрија 1 и 2“ 077/854-758, брод „Кристина“ 078/816-766 и катамарани 078/697-031. Цената за следење на концертот од брод е 300 денари, а од катамаран 600 денари.

Езерската РОК симфонија ќе има и хуманитарна нишка, ќе се собираат средства за охриѓанецот Трајан Целески- Тачо.

Концертот ќе се одржи согласно сите важечки протоколи за одржување на јавни настани.