Потајно фудбалската јавност веруваше дека оваа е сезоната на искупување на Чоло Симеоне во Лигата на Шампионите, по загубените две финалиња од Реал Мадрид. Но, Лисабон по сите изгледи е навистина малерозен за Атлетико Мадрид.
Германците значително ослабени по заминувањето на најдобриот поединец и најдобар стрелец во тимот, Тимо Вернер, без никаков притисок и дополнително оптеретување излегоа на теренот и си го играа „своето“. Во ниту еден момент сезонава во Лигата на Шампионите и во Бундеслигата, младиот менаџер на екипата од источна Германија не отстапи од својата напаѓачка филозофија. Да е иронијата поголема и болката од поразот поголема за мадриѓани, головите кои ги постигна Лајпциг измината вечер беа типични „Чоловски“.
Во првите 45 минути Лајпциг не беше претерано директен, но на некој начин ја диригираше играта и го контролираше темпото. Атлетико Мадрид се обидуваше преку контранапади да го разбие противникот, но со Диего Коста осамен во нападот и без Жоао Феликс во стартната постава, тоа изгледаше неефективно и безопасно. Второто полувреме сепак ни донесе возбудувања својствени на четвртфинален дуел од Лигата на Шампионите.
Нападот на условно речено домаќините буквално ја развлече целата дефанзивна линија на Атлетико, оставајќи широк простор за десната офанзивна страна на Лајпциг, во која австриското крило Марсел Сабицер се најде осамен и одлично го пронајде поранешниот играч на Динамо Загреб, Дани Олмо, за водство од 1:0. Шпанскиот интернационалец, а од скоро и репрезентативец, помеѓу тројца фудбалери на Атлетико успеа да налета на центаршутот и да ја смести топката во мрежата на Јан Облак.
Влегувањето на младиот Жоао Феликс на местото на Хектор Ерера во 58 минута, му донесе свежина на Атлетико и донесе нова димензија во играта и нападот. Неговиот маестрален продор во 71 минути значеше и пенал за „јорганџиите“ и изедначување на резултатот. Непишаното правило дека тој над кого е направен пеналот, не треба истиот да го изведува, во овој случај се покажа како неточно. Феликс одлично стрелаше и го совлада Гулаши.
И кога сите се помирија дека ќе гледаат уште двапати по 15 минути и можна пенал серија, резервистот Тајлер Адамс по асистенцијата на левиот бек на Манчестер Сити, позајмен во Лајпциг, Анхелино, шутираше по голот на Облак во блокот на Стефан Савиќ. Топката го смени правецот и го измами словенечкиот голман, донесувајќи му на Лајпциг водство од 2:1 и победа која го носи во полуфиналето од најелитното клупско светско натпреварување.
Ученикот против учителот и неверојатниот развој на Лајпциг од 2009 година до денес
Фудбалскиот клуб Лајпциг, најнепопуларниот во Германија со сигурност, формиран е во 2009 година на иницијатива на глобалната компанија за енергетски пијалоци „Ред Бул“. Од компанијата го преземаат клубот во близина на Саксонија, ССВ Марканштат, го менуваат името во РБ Лајпциг и ја започнуваат својата авантура од петтата германска лига.
Приказната за нив се одвива како од бајките. Во 2010 година одат едно ниво погоре во четвртата германска дивизија, во 2013 година стануваат дел од третата германска лига, а во 2014 година се промовираат во популарната „Цвајте“. Две години подоцна, Лајпциг успева од втората германска лига да влезе во Бундеслига. Во 2017 година Лајпциг е вице-шампион на Германија и веќе познато име во германскиот, но и европскиот фудбал.
Денес, во 2020 година, тимот од истокот на Германија се наоѓа во полуфиналето на Лигата на Шампионите, со тренер помлад од половина играчи на Лајпциг и Атлеитко Мадрид и пребогато искуство со оглед на возраста.
Проблемите со грбот уште во младинските категории на ТСВ 1860 Минхен, уште во најрани фудбалски години го оддаечуваат Жулиан Нагелсман од активно играње професионален фудбал. Наместо да се разочара и повлече целосно од фудбалот, Нагелсман решава фудбалската топка да ја замени со нотес и пенкало.
Години потоа, Нагелсман е тренер на просперитетниот млад тим на Хофенхајм, кој активно секоја сезона се бори во Бундесот за највисоки дострели и игра ултра офанзивен фудбал, гледлив за око, донесувајќи му на малиот клуб пласман во Лигата на Шампионите и борба за европскиот фудбалски крем.
Во 2019 година Нагелсман станува тренер на Лајпциг и на 33 години го носи тимот до историско полуфинале. И тоа не против било кого, туку против ПСЖ. Зошто е тоа толку куриозитетно?
Играчките денови на Нагелсман во германскиот клуб Аугсбург, поради честите повреди не биле претерано среќни и вредни за паметење. Додека тој сѐ уште е под играчки договор во клубот, добива задача да ги скаутира противниците на Аугсбург. Погодете кој му ја доделува таа задача? Токму така, Томас Тухел, сегашниот тренер на парижаните.
Тухел бил еден од првите луѓе на кои им проработел сенсот и препознале нешто тренерско во Нагелсман. Во неколку наврати младиот германски тренер на Лајпциг има изјавено дека Тухел е една од причините поради кои тој станал успешен менаџер и го нашол своето место „под сонцето“.
Сега овие двајца, односно на 18 август во Лисабон, ќе ги вкрстат копјата и ќе се борат за првото финале на нивните клубови во не толку долгата и богата историја.
Давор Јосифоски