Богоевски: Aпасиев не ги повлекол своите средства од над 30.000 евра од „Еуростандард“, затоа сега бара антилихварско законодавство – ММС
ММС

Објавено на: 08/14/20 11:39 AM

Богоевски: Aпасиев не ги повлекол своите средства од над 30.000 евра од „Еуростандард“, затоа сега бара антилихварско законодавство

Поранешниот пратеник во Собранието, Павле Богоевски на својот фејсбук профил напиша дека Левица имала повеќе од 30.000 евра во пропаднатата банка „Еуростандард“ и дека поради тоа сега Апасиев бара некакво антилихварско законодавство.

Имено тој објави и фотографија на која се гледа партиска сметка од изборите, која според него е со кодот на банката.

-Извесно е дека правното лице Политичка партија Левица има депозит поголем од 30.000ЕУР во Еуростандард Банка. Партиската сметка за изборите е со код на Еуростандард Банка.Затоа се изненадив кога димчевистиве со молскавична брзина се потресоа во име на „обесправениот работник и граѓанин“. Профата со 10,00 просек не ги забележал предупредувачките знаци кои ги забележале многу други и си ги повлекле сретствата. Затоа и во моментот на пропаѓањето само 74 ентитети имале депозити поголеми од 30.000 ЕУР во Еуростандард Банка. Па сега уште и пампари со некави реформи за „антилихварско банкарство“, напиша Богоевски.

Според него пропаѓањето на Еуростандард е трагедија која ќе ги влоши и искомплицира животите на голем број граѓани кои имаат заштедено во банката и ќе ја загрози ликвидноста на голем број фирми, но како што напиша парите на вистинската работничка класа, таа што нема депозити поголеми од 30.000 ЕУР – се заштитени и ќе бидат директно обесштетени.

– Многу ми е криво што ќе му заглават парите на димче ама нели левица беше партија од народот за народот на која не и’ требаат тешко заработените пари на граѓаните???Во меѓувреме со најавените реформи на банкарскиот сектор димче ќе може само да се слика и да држи пресови – бидејќи тој текст никогаш нема да биде преточен во Закон. И тој го знае тоа, ама не му е важна ниту реформата, ниту граѓаните – туку само публицитетот кој ќе си го добие пенавејќи се на сметка на „лошите капиталисти“, напиша Богоевски.

Ваквата рекција доаѓа откако денеска претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на својот фејсбук профил напиша дека околу пропаѓањето на „Еуростандард“ има како што рече подмолни игри кои ќе доведат до антилихварско законодавство.

– Подмолната игра околу пропаста на Еуростандард банка и тргувањето со инсајдерски информации од страна на Гувернерката и Министерката за финансии ќе биде тригер за иницирање голема реформа на банкарскиот сектор – преку она што ние го нарекуваме АНТИЛИХВАРСКО ЗАКОНОДАВСТВО!Овие мерки ќе бидат предложени во најскоро време од страна на пратениците на Левица, со цел ослободување на народот од должничкото ропство спрема алчните банкари, напиша Апасиев.