САД изразија загриженост за тензиите во источниот Медитеран – ММС
ММС

Објавено на: 08/14/20 11:30 AM

САД изразија загриженост за тензиите во источниот Медитеран

Пентагон соопшти дека е загрижен за инцидентите во источниот Медитеран кои се резултат на тензиите меѓу Франција и Турција, повикувајќи ги сојузниците на НАТО да пронајдат решение, јавува  агенцијата Анадолија.

Портпаролот Џонатан Хофман за новинарите изјави дека Париз и Анкара се неверојатно важни сојузници на НАТО, нагласувајќи дека САД би сакале тензиите да се намалат.

„Би сакале да ги видиме да продолжат да работат заедно и да пронајдат решенија кои не ја вклучуваат потребата од воени бродови или авиони распоредени во средина која е далеку од кооперативна“, изјави Хофман.

Грчки одбранбени извори вчера најавија воени вежби во Источниот Медитеран заедно со Францијa. Вежбата, во која се вклучени два француски борбени авиони „Рафал“, беше спроведена на островот Крит, откако Франција во средата објави дека ќе го засили военото присуство во регионот.

Одлуката на Франција е донесена откако францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кириакос Мицотакис имаа телефонски разговор и дискутираа за последната ситуација во регионот.

Франција соопшти дека испраќа два борбени авиони „Рафал“ и една поморска фрегата „Лафајет“ во Источниот Медитеран.

Вежбите следуваат откако Турција во понеделникот го продолжи истражувањето на енергијата во Источниот Медитеран, веднаш по потпишувањето на грчко-египетскиот поморски пакт, кој Турција го нарече нелегален.