Повеќе манифестации во Охрид со измени во програмата и согласно здравствените протоколи – ММС
ММС

Објавено на: 08/14/20 9:35 AM

Повеќе манифестации во Охрид со измени во програмата и согласно здравствените протоколи

Новонаметнатите околности предизвикани од епидемијата на коронавирусот резултираа со откажувања на многу културни, забавни и спортски манифестации што ја одбележуваа летната туристичка сезона во Охрид. Но, некои од нив се одржаа и ќе се одржат, со прилагодување кон препораките и протоколите за заштита на учесниците и публиката од Ковид-19.

Иако презакажана и оваа година ќе се одржи спортската манифестација „Охрид трчаТ”, и тоа од 28 до 30 овој месец.

Организаторите приоритет даваат на заштитата, безбедноста и сигурноста на учесниците на настанот.

– Одговорноста е голема. „Охрид трчаТ” ќе биде прва улична трка за оваа година во нашата земја и пошироко и навистина ни претставува голем мотив и предизвик, во вакви услови да го покажеме нашиот професионализам и визија за подоброто утре, наше, на Охрид и на Македонија, изјави директорот на трката Иван Цветкоски.

Бројот на учесници на манифестацијата е ограничен на 500, по 250 на полумаратонот (21 километар) и 250 за рекреативната трка на пет километри.

И Музичкиот летен фестивал „Охрид- фест 2020″ годинава ќе се одржи со измени во програмата, и тоа без можеби најатрактивната Интернационална вечер.

Фестивалот се одржува веќе 27 години, но прв пат во вакви услови на неизвесност предизвика од пандемијата на Ковид 19. За да одржи континуитет, ова феситвалско издание ќе се одржи со скратена програма и тоа само со Фолк вечерта, предвидена да се одржи на 11 септември на сцената „Долни Сарај”, со строги ограничувања на бројот на места за публиката.

Организаторите на фестивалот најавуваат дека се ќе биде надоместено на наредното фестивалско издание, следната година.

– За жал состојбата со коронавирусот ни ги смени плановите и заложбите, но така е и кај нас и во целиот свет. До последен момент преговарав со странските учесници и телевизии и дефинитино Интернационалната вечер ја одложуваме за 2021 година. Неизвесноста со пандемијата во нашата земја, карантин од две недели, што ги чека учесниците по враќањето во нивната земја, ме предизвика годинешното издание да биде во знак на Фолк вечерта, изјави Григор Копров, идејниот творец на фестивалот.