Тешко донесена одлука за рекетот број еден во светот, но сепак, Новак Ѓоковиќ пријави и потврди учество на годинешниот US Open.
Последниот „Гренд Слем“ во календарската регуларна година, овојпат разбирливо растегнат и одложен, не успеа да ги собере сите најсилни светски тенисери. Од оправдани и објективни причини, Шпанецот Рафаел Надал го откажа учеството, останатите асови допрва треба да одлучат дали ќе заиграат на тврдата подлога во САД.
Ѓоковиќ, кој летово беше позитивен на коронавирусот поради јунскиот контроверзен „Адриа Тур“ на неговиот официјален веб-сајт напиша потврди дека ќе учествува на Western and Southern Open и US Open оваа година.
-Не беше воопшто лесна одлука, со оглед на пречките и предизвиците на повеќе страни, но можноста и приликата да се натпреварувам повторно ме возбудува. Во текот на мојата кариера изиграв фантастични мечеви на „USTA Billie Jean King National Tennis Center“. Свесен сум дека сега околностите и протоколите се различни, заедно со безбедносните мерки, но сигурен сум дека организаторот ќе ги почитува сите потребни елементи за да се заштити здравјето на играчите и граѓаните на Њу Јорк, изјави Новак.
Тој додаде дека ги разбира и почитува сите одлуки на неговите колеги, независно дали одлучиле да партиципираат на турнирот.
-За несреќа на тенисерите и самата игра, моменталната ситуација не дозволува секому да патува и да се натпреварува и се надевам дека таа ситуација набрзо ќе се промени и ќе можеме да се вратиме на она што најмногу го сакаме и најдобро правиме, завршува Ѓоковиќ.
Еминентниот тениски собир годинава стартува на 31 август, а финишира на 13 септември.