Само Лејкерси го чекаат својот противник, сцената за плејофот во НБА е подготвена – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/20 2:20 PM

Само Лејкерси го чекаат својот противник, сцената за плејофот во НБА е подготвена

Сцената за плејоф во сезоната 2019/20 во НБА лигата е подготвена. Освен првиот на Западот, екипата на Лос Анџелес Лејкерс, сите други тимови си добија свој сопарник за финалната фаза од најдобрата светска кошаркарска лига.

Натпреварите од измината вечер одредија уште пет мечапи во првата рунда од плејофот.

Најинтересниот судир во Источната конференција, без сомнение претставува оној на Бостон Селтикс и Филаделфија. Особено ако ја земеме предвид нивната историја и „тивкото“ ривалство.

Вториот многу интересен дуел на Истокот ќе се води помеѓу екипите на Мајами Хит и Индијана Пејсерс. Младиот и полетен тим на Ерик Споелстра, предводен од Џими Батлер и Бен Адебајо, ќе се обиде да стигне до финалето на конференцијата искористувајќи ја предноста во однос на Пејсерси и нивниот проблем со повредени играчи.

Фаворитот за освојување на НБА лигата, Милвоки Бакс, ќе играат со условно речено домаќинот во меурот на Флорида, Орландо Меџик. Актуелните шампиони Репторси на мегдан ќе одат кај десеткуваните Бруклин Нетс.

Во западот ситуацијата е малку покомплицирана, затоа што последниот патник за плејофот и се чини никогаш повредната осма позиција е непознат.

Кавај Ленард и друштвото ќе се соочат со незгодниот Далас Маверикс предводен од маестралниот словенечки кошаркар, Лука Дончиќ. Денвер на Никола Јокиќ ќе игра против овосезонската „млака“ и непрепознатлива Јута. Ситуацијата со коронавирусот која ескалираше токму во екипата од „студениот“ дел на САД, остави импакт и врз играта и однесувањето на кошаркарите. Интересен дуел не очекува и со Хјустон Рокерс и Оклахома Сити Тандер. Крис Пол се сретнува со неговата довчерашна екипа. Рокетски се ослободија од искусниот плејмејкер за да направат место за Расел Вестбрук, кој исто така ќе мора против „своите“ да ја продолжи одличната форма од вториот дел на сезоната.

Единствената мистерија останува кој ќе му биде противник на Леброн Џејмс во првата рунда од плејофот. Борбата за осмото место е навистина „pure basketball“, а во игра за неа се четири франшизи. Мемфис Гризлис, Феникс Санс, Сан Антонио Спарс и Портланд Блејзерс.

Според прикажаното во „баблот“ во Орландо, Санси и Блејзерси можеби највеќе го заслужуваат тоа место. Санси имаат неверојатна серија од седум победи во исто толку одиграни мечеви, додека пак Блејзерси на крилјата на Демиан Лилард даваат се од себе и од незавидна позиција се најдоа на осмото место во Западот, пред последните натпревари кои ќе заземат место на програмата вечерва.